Кибер-насилството меѓу децата и адолесцентите во Германија е во постојан пораст, при што секој петти млад човек или речиси 2,4 милиони ученици биле жртва на напади на интернет, покажува шесттиот национален извештај „Сајберлајф“, што денеска во Берлин го објави Алијансата против кибер-насилството.

Според истражувањето, околу 20,7 отсто од учениците изјавиле дека биле цел на ваков вид интернет-напади, што претставува пораст во споредба со 18,5 отсто забележани во претходната студија од 2024 година.

„Кибер-насилството го загрозува менталното здравје на цела една генерација. Тоа започнува уште на основношколска возраст и ги следи погодените деца, адолесцентите и младите возрасни лица деноноќно во сите сфери од нивниот живот“, предупреди Уве Лист, претседател на здружението и коавтор на студијата.

Нападите најчесто се случуваат преку социјалните мрежи и апликации за пораки како „Ватсап“, „Тикток“, „Снепчет“ и „Инстаграм“, како и на гејмерските платформи и во онлајн собите за разговор.

Според дефиницијата употребена во истражувањето, сајбер-насилството претставува намерно навредување, заканување, понижување или вознемирување други лица преку интернет и мобилни телефонски услуги во подолг временски период.

За потребите на оваа репрезентативна студија, во периодот меѓу март и јули преку интернет биле анкетирани 4.525 деца, адолесценти и млади возрасни лица на возраст од седум до 20 години од основните, средните и стручните училишта. Дополнително, во истражувањето биле опфатени и анкетирани 1.100 родители и повеќе од 700 наставници.