Растот на бруто-домашниот производ (БДП) на Македонија се очекува да достигне 3,5%, откако Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја ревидираше нагоре својата претходна проекција од 3,1%. Говорејќи вечерва во емисијата „Колегиум“ на АЛФА ТВ, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, посочи дека позитивната ревизија на прогнозата од страна на ММФ е значаен показател за економските движења во земјава, а значаен придонес за ваквите економски резултати секако има градежништвото кое бележи двоцифрен раст во последните шест квартали.

-Денеска стигна ревидирање во однос на проценката на БДП, и тоа ревидирање не го направи Македонија, туку Меѓународниот монетарен фонд, една од двете најрелевантни институции за економија во светот, заедно со Светската банка, коишто велат дека растот на БДП ќе биде на 3,5%, а нивната проценка првично беше 3,1%, посочи Николоски.

Тој нагласи дека ваквите очекувања се особено значајни ако се земат предвид актуелните глобални економски предизвици, вклучително и енергетската криза, како и фактот дека голем број држави се соочуваат со стагнација или рецесија. Како еден од главните двигатели на економскиот раст, Николоски го посочи градежништвото, во кое, според него, веќе шест квартали по ред се бележи двоцифрен раст. Дополнително, тој очекува позитивниот тренд да продолжи и во втората половина од годината.

-Голем удел во овој раст има градежништвото, 6 квартали досега имаме двоцифрен раст на градежништвото. Вториот квартал во оваа 2026 година, растот беше скоро 22%, а очекувам и во третиот и во четвртиот растот да биде двоцифрен, што сигурно придонесува и во растот на БДП, така што ефектите се гледаат веднаш, рече вицепремиерот Александар Николоски.