Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Украина дека не дава ништо за возврат за американската поддршка.
„Ѝ дадовме многу на Украина. Тие нам не ни дадоа ништо. Запомнете го тоа“, изјави Трамп синоќа во Вашингтон, пренесе ДПА.
Во меѓувреме, американскиот портал „Аксиос“ (Axios) објави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски се пожалил оти Вашингтон ја задржува испораката на оружје.
Зеленски наводно го изнел ова обвинување за време на виртуелна средба со американски сенатори од двете партии.
Според Зеленски, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет одбивал да ја одобри испораката на ракетите „Патриот“ и други проектили за противвоздушна одбрана, иако земјите од НАТО веќе ги платиле, пренесува „Аксиос“, повикувајќи се на транскрипт од средбата.
„Сето ова укажува на тоа дека е донесена некаква политичка одлука да се забави поддршката за нас“, изјави Зеленски пред сенаторите, наведува порталот.
Весникот „Вашингтон пост“, повикувајќи се на лица запознаени со ситуацијата, објави дека суспензијата влијаела и на испораките од други партнери на Украина, за кои било потребно одобрение од Вашингтон.
Висок претставник на американското Министерство за одбрана ги оспори овие извештаи, изјавувајќи за ДПА дека немало никакви промени во програмата преку која земјите од НАТО купуваат американско оружје за Украина. Истото важи и за споделувањето разузнавачки податоци, додаде претставникот.
Трамп, исто така, ги засили критиките кон Киев откако Зеленски сугерираше дека пристапот на американскиот претседател, кој е наклонет кон Кремљ, го става него на погрешната страна на историјата.
„Зеленски не знае за што зборува“, одговори Трамп.
Украинскиот претседател „не помага многу“ во напорите за ставање крај на војната, рече Трамп, пренесен од ДПА.




