Американската влада им наложи на своите агенции да престанат да ги користат алатките за вештачка интелигенција што ги развива кинескиот стартап „Дипсик“, во услови на сè поинтензивната трка за доминација во брзорастечкиот технолошки сектор.
Министерството за внатрешна безбедност на САД издаде директива со која се забранува употребата на производите на „Дипсик“, како и на алатки од трети страни што се засноваат на неговата технологија. Во директивата се наведува дека тие алатки мора да бидат отстранети од сите информатички уреди во државните агенции.
Надлежностите на Министерството ги опфаќаат цивилните агенции, но не и војската и разузнавачките служби. Американското Министерство за одбрана не одговорило на барањата на медиумите за коментар.
Во документот што ја придружува директивата се наведува дека „моделите на Дипсик претставуваат повеќекратни вектори на закана“. Од Министерството предупредуваат дека користењето на алатките за вештачка интелигенција на компанијата „може да доведе до пренос на чувствителни податоци во Кина доколку ги користат вработени во американската влада или нејзините добавувачи“.
Како причина за загриженост се наведува тоа што серверите на компанијата се наоѓаат во Кина, каде што правниот систем ѝ дава „широки овластувања“ на владата за пристап до инфраструктурата на приватните компании.
Од „Дипсик“ засега не се огласиле по однос информацијата.




