На свеченото одбележување на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во Македонскиот народен театар, премиерот Христијан Мицкоски порача дека најголемото признание за македонските револуционери е изградбата на посилна, поправедна и подостоинствена држава за идните генерации.
Македонската државност е заедничка одговорност на сите граѓани, а најголемата обврска на денешните генерации е да создадат држава во која младите ќе имаат надеж, родителите спокој, а секој човек ќе може достоинствено да живее. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање на свеченоста по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, одржана во Македонскиот народен театар (МНТ).
Мицкоски истакна дека начинот на кој денешните генерации ја градат државата ќе биде мерка според која ќе ги оценуваат идните поколенија, нагласувајќи дека вистинската вредност на празничните пораки се потврдува преку конкретни одлуки и дела.
Тој посочи дека идните генерации треба да препознаат луѓе кои имале храброст да ги решаваат проблемите, да се спротивставуваат на неправдите и општото добро да го ставаат пред личната удобност.
„Тој одговор го пишуваме сега, со секоја одлука“, порача Мицкоски.
Според него, претходниците се бореле за слобода во време кога таа изгледала далечна, додека денешните генерации имаат држава, институции и можност да направат многу повеќе. Затоа, како што нагласи, одговорноста е таа можност да се искористи чесно и разумно.
„Нивниот сон денес е во наши раце. Да го носиме со почит, да го продолжиме со работа и да им го предадеме на нашите деца како посилна, поправедна и подостоинствена држава“, истакна премиерот.
„Каква земја ќе им оставиме на нашите деца?“
Во обраќањето, Мицкоски посебно се осврна на одговорноста кон младите генерации, нагласувајќи дека иднината на Македонија треба да се гради преку правда, можности за напредување и услови во кои секое дете ќе може да ги оствари своите соништа во сопствената татковина.
Тој порача дека вистинскиот успех на државата нема да се мери само преку зборови и свечености, туку преку квалитетот на животот на граѓаните, еднаквоста пред законот и можноста чесниот труд да обезбеди сигурна иднина.
„Нашиот одговор мора да се гледа во животот што го градиме. Во правдата што важи за секого. Во трудот од кој чесно се живее. Во шансата секое дете да стигне онолку далеку колку што му досега сонот — и да посака својот сон да го оствари овде, во Македонија“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека слободата наследена од претходните генерации носи обврска да се продолжи нивната борба преку создавање општество во кое граѓаните ќе имаат достоинство, младите перспектива, а семејствата сигурност.
„Ова е нашиот дом, ова е нашето време“
Премиерот порача дека најголемото признание за жртвата на македонските револуционери ќе биде создавањето држава во која идните генерации ќе сакаат да останат, да живеат и да ја градат својата иднина.
„Сакам еден ден нашите деца да можат да кажат: ‘Нашите родители веруваа во Македонија. Останаа исправени кога беше тешко. И ни оставија земја во која вреди да се живее’“, истакна Мицкоски.
Во завршницата на своето обраќање, тој ги повика граѓаните да ја преземат одговорноста на своето време и со посветеност и љубов кон татковината да придонесат за нејзината иднина.
„Ова е нашиот дом. Ова е нашето време. Ова е нашата одговорност. Свои на своето — денес и за сите што доаѓаат по нас!“, порача Мицкоски.
Тој го заврши обраќањето со оддавање почит на македонските револуционери и честитање на празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, со порака: „Да живее Македонија!“




