Денот на македонската револуционерна борба е дел од македонскиот идентитет, националната гордост и заветот кон татковината. По повод празникот 23 Октомври, министерот за одбрана Владо Мисајловски упати порака во која ја истакна историската важност на организираната борба за слобода, достоинство и сопствена државност.

„Денешниот празник, 23 Октомври, Ден на македонската револуционерна борба, е дел од нашиот идентитет, од нашата национална гордост и од заветот што го носиме кон татковината“, наведува Мисајловски.

Тој потсети на македонските револуционери кои пред 133 години ја поставиле основата на организираната борба за слобода, оддавајќи им почит на нивната храброст, верба и идеали.

Според Мисајловски, денешните генерации имаат историска должност да ја зачуваат независноста на државата, да ја јакнат одбраната и да придонесуваат за изградба на силна, безбедна и просперитетна Македонија.

Тој нагласи дека одговорноста не е само кон оние кои се бореле за македонската слобода, туку и кон идните генерации, на кои треба да им се остави татковина достојна за нивните очекувања и заветот на борците од минатото.

„Свои на своето, горди на своите корени, достоинствени во сегашноста и обединети во градењето на сигурна иднина“, порача Мисајловски, честитајќи го празникот со зборовите: „Нека е вечна Македонија!“