Софија овој саботен ден се капе во сончевина. Жители на градот и бројни туристи шетаат низ централното градско јадро, а кафулињата и рестораните полека се полнат.

Градот под величествената Витоша живее вообичаен ден, и ништо не открива оти утре во земјата ќе се одржат седмите претседателски избори, освен многуте билборди со кандидатите за претседател и потпретседател и националните знамиња истакнати покрај булеверите и улиците.

Денеска е ден за размислување за Бугарите кога треба да се решат за кој ќе го дадат својот глас утре на избирачките места. Според последните објавени истражувања на јавното мислење од повеќе социолошки агенции (Мјара, Галуп, Сова Харис, Алфа Рисрч), Илијана Јотова и Кирил Валчев, досегашниот директор на Бугарската телеграфска агенција (БТА), убедливо водат во трката за претседетел на Бугарија. Јотова е веќе претседател, таа ја презеде претседателската функција од Румен Радев во јануари оваа година, кој се повлече за да учествува на парламентарните избори, на кои однесе убедлива победа. Таа ја има поддршката токму од премиерот Радев и неговата Прогресивна бугарска партија и коалицијата која ја предводи.

Втор е Андреј Ѓуров, поранешен технички премиер со Георги Кандев како кандидат за потпретседател, а Костадин Костадинов, лидерот на националистичката партија „Преродба“, заедно со Петар Волги, се трети.

Во предвечерието на изборите весниците излегоа со свои анализи, едни со апел за поголема излезност, а други го разглобуваат митот според кој „задолжително треба да гласам“.

Весникот „24 часа“ во викенд двобројот, прв пат во својата 35 годишна историја излегува со празна прва страница. Доминира бројот 34% кој ја покажува активноста на гласачите на последните претседателски избори одржани 2021 година. Пораката на весникот е „Утре не оставај друг да ја допише страницата освен тебе! – твојот глас има значење“.

Оваа провокација, наведува весникот, е за да се покаже како изгледа да добиеш само една третина од гласовите во избирачките кутии, кои треба да ја решат судбината на останатите две третини.

Проектот за ова „провоцирање“ на граѓанска активнот се наведува е на идеја на НЕКСТ – ДЦ, агенција на млади луѓе, кои се далеку од политиката, но добро ја разбираат способноста сами да ја креирате својата судбина и заедно да ја планираат иднината како општество.

Весникот „Труд“ на првата страница ја најавува колумната во рубриката „Саботни етиди“ на Иван Стамболов – Сула во која тој го разбива митот „Задолжително треба да гласам“. Овој угледен писател, публицист и колумнист во неколку национални бугарски медиуми, пишува дека во зората на „демократијата“ (во 90-те години), гласањето се сметаше за автентично и одговорно граѓанско однесување.

„Кој не гласа, не е граѓанин, туку овца згмечена од комунизмот и тоталитаризмот. Кој не гласа не е демократ, а тоа тогаш беше ужасна морална пресуда. До ден-денес, сите партии се пред сè „демократски“, и потоа се разликуваат на еден или друг начин. Што, се разбира, го прави целиот политички процес малку здодевен“, додава Стамболов Сули.

Анализирајќи ги причините зошто некој би гласал или не би гласал, за себе сега вели дека нема да излезе на гласање, затоа што меѓу другото, во ерата на демократските национални држави, интригата на изборите е во корелацијата меѓу лево или десно, а долго време, и не само кај нас, левицата и десницата, вели, се свеле на лев и десен популизам, и повеќе нема никакви интриги меѓу нив.

„Долго време не ја наоѓам мојата автентична политичка репрезентација и не гледам поента во трошењето на енергијата на повредување на мојата душа“, вели Стамболов и заклучува дека ако не сакате да гласате и ако нема за кого да гласате, не гласајте, и со тоа нема да направите злосторство против човештвото или планетата.

Весникот „Телеграф“, пак на втората страница за претстојните избори ја објавува изјавата на портпаролката на Централната изборна комисија, Стојанка Балова, за БНТ во однос на подоготовката на машините за утрешното гласање, и очекувањето на гласачките места да излезт меѓу 2,6 и 2,7 милиони избирачи, што е малку чудно, но кога е Бугарија во прашање треба да знаете дека во матичната земја моментално живеат околу 6,7 милиони жители, а бројот на регистрирани гласачи е над 6 милиони. Објаснувањето е еднставно – во изминатите 20 години Бугарија ја напуштија над два милиони жители, кои се регистриранаи во списоците, но физички не се присутни во земјата.

На претстојните претседателски избори во Бугарија ЦИК регистрираше 27 кандидатски двојки за претседател и потпретседател. Право на глас имаат точно 6 милиони 590 илјади лица, од кои 46 001 за првпат. Ќе гласаат на 9.373 избирачки места на кои ќе се гласа со машини. За гласање во странство ќе бидат отворени 613 избирачки места.