Илјадници британски и француски војници учествуваа во воена вежба чија цел беше да се демонстрира како територијата на НАТО може да се одбрани од напад, објави ДПА.

Вежбата беше една од најголемите воздушни вежби во последните 20 години. Во неа британски и француски падобранци скокаа од британски транспортни авиони над Германија. Комбинираната вежба се одржа во услови на зголемени тензии во Европа поради руската инвазија на Украина и во време кога руските сили ја тестираат отпорноста на границите на НАТО, а Кремљ е обвинет за палење, саботажа и убиства во европските земји.

На вежбата „Рино Титан“, што се одржа во воениот тренинг центар „Сенелагер“ во Германија, е тестирана способноста на британската 12-та воздушна јуришна бригада да дејствува против противник опремен со беспилотни летала и опрема за електронско војување – технологија за која може да се очекува дека ќе ја користи Русија.

Во вежбата учествуваа околу 1.500 војници, вклучувајќи 600 британски и француски падобранци кои извршија скокови од британски авион А400М „Атлас“.

„Заканите со кои се соочуваме во 21 век бараат модерен, современ пристап кон војувањето. Нашите вооружени сили се прилагодуваат и се подготвуваат соодветно. Заедно со нашите француски и германски сојузници, во оваа голема вежба демонстрираме дека можеме да обезбедиме брза и голема воздушна моќ каде и да е потребна за заштита на територијата на НАТО“, рече британскиот министер за одбрана Вес Стритинг.