Според извештајот на Меѓународната унија за зачувување на природата, (ИУЦН) 96 отсто од 127 корални гребени во плитките води ширум светот се загрозени и во фаза на исчезнување. Станува збор за добро познати шарени корални гребени на длабочина до околу 40 метри.

Меѓу загрозените се делови од Големиот корален гребен покрај брегот на Австралија, Коралниот триаголник во западниот дел на Тихиот Океан и во Југоисточна Азија, Мезоамериканскиот корален систем, како и коралните гребени во Црвеното Море.

Од ИУЦН нагласуваат дека коралите можат да поднесат само мали температурни промени, а доколку водата стане претопла, тие ги исфрлаат микроалгите што живеат во нивното ткиво и ги снабдуваат со хранливи материи, при што доаѓа до нивно избелување и угинување.

Коралните гребени се соочуваат со дополнителен притисок и поради прекумерниот риболов во Источна Азија, на Карибите и во Бразил, се наведува во соопштението на ИУЦН.