Со Предлог-законот за трансформација во редовен работен однос се решава една децениска неправда и се воспоставуваат јасни правила за трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос на неопределено време, порача пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Денеска исправаме една децениска неправда. Решаваме проблем кој со години беше премолчуван, одложуван и префрлан од една институција на друга. Проблем зад кој не стојат само договори, документи и административни процедури, туку човечки судбини, семејства и луѓе кои со години живеат во неизвесност за својата иднина, рече Стојаноски.
Тој посочи дека станува збор за лица кои со години работат со договор на дело, авторски договор, преку агенции за привремени вработувања или други форми на договорен ангажман, а истовремено ги извршуваат своите обврски и придонесуваат за функционирањето на институциите.
За луѓе кои со години работат со договор на дело, авторски договор, преку агенции за привремени вработувања или други форми на договорен ангажман. Луѓе кои работат во јавниот сектор, а живеат со прашањето дали утре повторно ќе им биде продолжен договорот. На оваа неизвесност мора да ѝ дојде крајот, нагласи Стојаноски.
Според него, предложеното законско решение предвидува трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос на неопределено време за лицата во институциите опфатени со законот.
Предлог-законот, како што беше образложено, предвидува конкретни рокови за реализација, заштита на лицата додека трае постапката, ограничување на идните договорни ангажмани и финансиска контрола на целиот процес.
Правото на трансформација ќе се однесува на лицата кои имаат важечки договор на денот на влегувањето во сила на законот и чиј договор останува важечки во моментот на трансформацијата.
Институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила на законот да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Трансформацијата ќе се реализира фазно, при што за најмногу 50 проценти од опфатените лица договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, односно донесување, а за преостанатите најдоцна до 31 декември 2027 година.
На овој начин обезбедуваме постепена, организирана и финансиски одржлива реализација на процесот, рече Стојаноски.
Институциите ќе треба да ги усогласат актите за систематизација на работните места, доколку тоа е потребно, најдоцна во рок од 14 работни дена од влегувањето во сила на законот.
Предлог-законот предвидува и заштита на лицата додека трае постапката. Институциите нема да смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека не стапат во сила нивните решенија за вработување, освен во случаи на повреда на договорните обврски согласно законот.
Со други зборови, воспоставуваме механизам луѓето да не ја изгубат работата додека чекаат да се реализира нивната трансформација, истакна пратеникот.
Од 1 јануари 2028 година, за институциите опфатени со законот ќе се применува ограничување според кое ангажирањата преку определени видови договори ќе можат да изнесуваат најмногу 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот од претходната година. Предвидени се исклучоци, меѓу кои и можност за надминување на овој процент најмногу четири месеци во една фискална година, со претходна финансиска согласност.
Ограничувањето нема да се однесува, меѓу другото, на лица ангажирани на еднократни проекти или проектни единици финансирани од странски извори, адвокати ангажирани за правна помош, правно советување и застапување, овластени сметководители и сметководствени друштва, како и на определени стручни и специфични ангажмани наведени во законскиот текст.
Со Предлог-законот се предвидуваат и прекршочни санкции за раководните лица кои нема да ги почитуваат ограничувањата. За раководно лице во институција е предвидена глоба од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
Договорните ангажмани не смеат да бидат трајна замена за редовното вработување, порача Стојаноски.
Тој посочи дека Министерството за финансии ќе има важна улога во контролата на процесот преку издавање согласности за обезбедени финансиски средства. Институциите ќе треба да ја достават потребната документација, вклучително и договорите врз основа на кои лицата биле ангажирани, а Министерството ќе може да не издаде согласност доколку не се исполнети законските услови или трансформацијата не е во согласност со расположливите буџетски средства.
Значи, не нудиме неодржливи ветувања, туку законски механизам со конкретни рокови, обврски и правила, рече Стојаноски.
Според него, од опфатот на предложениот закон се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи, како и повеќе безбедносни институции.
Ова го нагласувам затоа што сакаме граѓаните да имаат точна информација за опфатот на законот, без нејаснотии и без создавање погрешни очекувања, истакна тој.
Стојаноски оцени дека предложеното решение не треба само да го реши постојниот проблем, туку и да спречи тој повторно да се создава.
Овде се работи за работнички права. Не станува збор за политички поени, туку за човечки судбини. Не смееме да дозволиме луѓето кои чесно работат да остануваат со години заглавени во административна и животна неизвесност, рече тој.
Пратеникот додаде дека предлог-законот претставува чекор од долгогодишно констатирање на проблемот кон негово конкретно решавање.
За некого ова е само уште еден закон. За илјадници наши сограѓани ова е надеж дека конечно ќе можат посигурно да ја планираат својата иднина. Дека нивниот труд ќе биде признаен. Дека нивната работа ќе добие соодветна правна сигурност. Дека по години неизвесност ќе можат да здивнат, порача Стојаноски.
Тој заклучи дека целта е да се воспостави ред и сигурност и да се создава Македонија „во која трудот се почитува, а дадениот збор се претвора во дела“.
Фото: Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ




