Едно лице осомничено за двете убиства во скопската населба Ѓорче Петров е приведено и се наоѓа во Полициската станица Карпош.
Засега нема официјална потврда од Министерството за внатрешни работи за приведувањето, ниту информации за околностите под кои лицето било лишено од слобода и за основите на сомнежот.
Од надлежните институции се очекуваат повеќе детали за текот на истрагата, како и појаснување дали е утврдена поврзаност меѓу двата случаи.
Седумдесет и шестгодишна жена денеска беше пронајдена почината со видливи траги од насилство во куќа на улицата „Ѓурчин Кокале“ во Скопје.
Ова е втор случај за пет дена во главниот град во кој лице е пронајдено мртво во својот дом со траги од насилство
Од Министерството за внатрешни работи за информираат дека денеска, 27 октомври, во 09:18 часот, М. А. пријавила во СВР Скопје дека ја пронашла својата мајка О. А. (76) без знаци на живот.
Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт со видливи траги од насилство. За случајот е известен јавен обвинител, по чии насоки телото е предадено на обдукција. Полицијата презема мерки за утврдување на причините за смртта и за расчистување на случајот.
Пет дена претходно, на 22 октомври, во 18:40 часот, во СВР Скопје било пријавено дека 62-годишниот С. Ј. е пронајден починат во својот дом на подрачјето на општина Ѓорче Петров. И тогаш лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт со траги од насилство, а јавен обвинител наредил обдукција.




