Најмалку две лица загинаа, а едно е повредено кога карпа позната како „Самовилски оџак“ се урна во градот Гореме, во Кападокија во централниот дел на турската покраина Невшехир, објавија денес турските медиуми.

По пријавата, полициски и жандармериски единици, екипи на Агенцијата за управување со вонредни состојби (AFAD) и екипи на брза помош беа испратени на местото на несреќата.

Според последните информации од грчкиот портал, најмалку две лица загинаа, а едно е повредено.

Како што пишува Би-Би-Си, карпата одеднаш паднала врз луѓето, кои биле заробени под неа. Едно од видеата, снимено веднаш по несреќата, покажува облак од чад на популарна туристичка дестинација и збунети посетители, а потоа и спасувачки екипи на местото на трагедијата.

Повреденото лице е пренесено во болница, но степенот на неговите повреди е непознат.

Според турските медиуми, несреќата се случила околу 15:15 часот по локално време. Се сомнева дека одронот на карпите се случил по прекумерните врнежи од дожд што го погодиле тој дел од земјата.

– Операцијата за пребарување и спасување продолжува на самото место со сите свои средства – изјави гувернерот на Невшехир Хусеин Кок.

Порталот „Турција денес“ пишува дека во оваа област е формиран Кризен штаб. Истрагата е во тек, а деталите за трагедијата треба да бидат познати во наредните часови.