Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека европските држави се кратковиди кога го отфрлаат евтиниот руски гас.

– Тешко дека тоа е мудар став. Просперитетот и конкурентноста на европската економија во голема мера се темелеа на евтините енергетски ресурси од Русија, на евтиниот гас од гасоводите. Сега тие ја сечат гранката на која седат. Дали е ова далекувидо? Дефинитивно не, наведе Песков за рускиот весник „Известија“.

Тој додаде дека се влошува економската ситуација во Европа и оти стагнира европската економија.

Песков се осврна и на планираните трилатерални разговори за завршување на војната во Украина.

– Трилатералните разговори не го вклучуваат учеството на Европската Унија. Покрај тоа, сè уште не сме свесни дека ЕУ се придржува до некаков став за зачувување на мирот. ЕУ се придржува до провокативен став насочен кон понатамошно поттикнување и продолжување на војната. Не ни се потребни такви учесници. Малку е веројатно дека и на Американците, кои, напротив, се обидуваат да постигнат мир, им се потребни такви учесници, наведе Песков.

фото: архива