Софија, 1 ноември 2026 (МИА)
Пандорка АРСОВСКА ГАЦОВА
Граѓаните на Бугарија денеска излегуваат на гласање на претседателските избори, во атмосфера на очекувања за политичка стабилизација и промени, но и со надеж дека верувањата од предизборната кампања ќе добијат конкретна потврда по изборите.

Врнежливото и тмурно неделно утро во Софија не ги спречи граѓаните да излезат на гласање. Со чадори во рацете, пристигнуваат на избирачките места, меѓу нив и во училиштето „Пенчо Славејков“ во близина на хотелот каде што е сместена екипата на МИА.

Атмосферата е мирна, без поголема раздвиженост, но гласачи има. Некои доаѓаат сами, некои во придружба на членовите на семејството. За дел од нив гласањето е редовна граѓанска обврска, додека кај помладите се забележува поголема воздржаност во очекувањата од изборниот процес.
– Не сум пропуштила избори досега, иако во последниот период тие се одржуваат навистина често. Сепак, тоа е моја должност и очекувам да биде подобро, вели повозрасна госпоѓа, која дојде да го искористи своето право на глас.

Поинакви се очекувањата на млада брачна двојка, која исто така гласаше утрово. Тие не очекуваат големи промени по изборите, а како една од причините за неизвесноста кај младите ја посочуваат и желбата за заминување во странство.
– Откако Бугарија е во Европската Унија, многу млади размислуваат како да заминат и во која земја да го продолжат животот. Не очекуваме некои големи промени, но сепак сметаме дека треба да се гласа, велат тие.

Гласањето во Софија се одвива во вообичаениот ритам на неделниот ден. Избирачките места, кои беа отворени во 7 часот, ги посетуваат граѓани од различни генерации, кои, иако со различни очекувања, се согласуваат дека на земјата и е потребен период на поголема сигурност и стабилност.
Меѓу гласачите со кои разговараше екипата на МИА во училиштето во центарот на градот, е и еден повозрасен жител на Софија, кој вели дека очекува промени на подобро, но и поголема одговорност од политичарите.
Очекувам работите да се променат на подобро и политичарите да го исполнат она што го ветуваа во кампањата, а не како што често се случува само да лажат, рече тој.
Поинаква, но исто така насочена кон иднината, е пораката на еден млад гласач, кој вели дека на изборите излегол со надеж за подобра иднина. Тој рече дека пред се очекува стабилизација, но на наше изненадување изјавата ја сврте кон безбедносните предизвици во регионот на Црното Море, споменувајќи ги нападите со дронови врз трговски бродови и притоа изрази очекување за смирување на состојбите.
Во централното градско подрачје, на улицата „Дондуков“, каде што се наоѓа и претседателската палата, изборниот ден се одвива паралелно со вообичаениот градски живот.

Дел од продавниците се отворени, граѓаните со чадори брзаат да се засолнат во некое кафуле, а улицата го задржува својот неделен ритам. Изборите се присутни во разговорите и очекувањата, но на барањето да ни дадат изјава со насмевка велат дека брзаат и сакаат да се засолнат од дождот.

За дел од граѓаните ова е уште едно гласање во низа, за други можност да се направи чекор кон поинаква политичка иднина. Заедничко останува очекувањето дека по изборниот ден ќе следуваат конкретни резултати, а не нов период на неизвесност.
Бугарските граѓани денеска, на вториот круг од претседателските избори, одлучуваат меѓу кандидатските двојки Илијана Јотова -Кирил Валчев и Андреј Ѓуров – Георги Кандев. По првиот круг, во кој ниту една од вкупно 27 кандидатски двојки не освои доволно гласови за победа, претседателската трка се сведе на двајцата кандидати со најголема поддршка.
Првиот круг, одржан на 25 октомври, помина со исклучително низок одѕив. Од вкупно 6,6 милиони граѓани со право на глас, на избирачките места излегоа 1.525.034 гласачи, односно 22.98 проценти. Јотова и Валчев освоија 34,76 отсто од гласовите, додека Ѓуров и Кандев добија 31,95 проценти, со разлика од 42.700 гласови.
Изборниот ден ќе трае до 20 часот (по локално време), со можност за продолжување до 21 часот доколку има граѓани кои чекаат да гласаат. Право на глас имаат околу 6,6 милиони граѓани, а гласањето ќе се спроведува на вкупно 12.683 избирачки места во земјата и странство, претежно со гласачки машини.
Според Централната изборна комисија, до 11 часот одѕивот на гласачите изнесува 6,11 проценти.
Изборниот ден во Софија се одвива меѓу гласачките места и секојдневниот градски живот, со надежи за промени кај едни, резервираност кај други и дождливо неделно претпладне кое не го запира градот.




