Германската влада, и покрај острите критики, усвои уредба со која од почетокот на 2027 година за половина ќе ја намали, од 50.000 на 25.000, годишната квота за работници од Западен Балкан кои имаат олеснет пристап до германскиот пазар на труд.
Уредбата, усвоена на вчерашната владина седница, треба да добие одобрение и од мнозинството во Горниот дом на германскиот парламент, во кој се застапени германските сојузни покраини.
Покрај неколку влијателни стопански здруженија од различни сектори, кои посочија дека зависат од странската работна сила, на одлуката на владата се противат и седум сојузни покраини. Меѓу нив се Баварија, Северна Рајна-Вестфалија, Долна Саксонија и Хесен.
Меѓу стопанските здруженија, најостри критики кон владата јавно упатија претставниците на градежната индустрија, угостителството, логистиката, како и здруженијата на негуватели на болни и немоќни лица.
Сојузното здружение на работодавачи (БДА) исто така го критикуваше предлогот на министерството за труд, барајќи квотата да не биде преполовена, туку ограничувањето целосно да се укине. БДА предупреди дека останале нерешени голем број барања, кои од 1 јануари 2027 година ќе мора да бидат одбиени, поради што многу работни места ќе останат непополнети.
Намерата на владата како погрешен чекор ја оцени и Сојузната агенција за вработување. Агенцијата во октомври соопшти дека во Германија веќе се вработени повеќе од еден милион луѓе од Западен Балкан, кои редовно плаќаат придонеси. Од нив, 53 отсто се вработени како квалификувана или високо квалификувана работна сила, а половината работат на работни места за кои нема доволно кадар на германскиот пазар на труд.
Одлуката за намалување на годишната квота за работници од Западен Балкан кои имаат повластен пристап при вработувањето во Германија е дел од постизборниот коалициски договор на владејачките демохристијански партии ЦДУ и ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Целта на иницијативата, која потекнува од конзервативната ЦДУ, била за слободните работни места во Германија да се ангажираат невработени лица.




