Македонската репрезентација до 21 година на 12 ноември ќе одигра контролен натпревар против соодветната селекција на Србија. Мечот ќе се игра во Нови Сад и ќе претставува значаен тест за избраниците на селекторот Александар Таневски.

Таневски најавува сериозен предизвик против квалитетен противник, кој има високи амбиции, особено со оглед на тоа што Србија е домаќин на Европското првенство до 21 година.

„Не очекува сериозен тест против исклучително квалитетна селекција. Србија е домаќин на Европското првенство до 21 година и со овој состав има високи амбиции, што го прави натпреварот одлична можност да ги провериме нашите можности против силен противник.

Поголемиот дел од нашиот состав го сочинуваат фудбалери родени во 2006 и 2007 година, кои треба да бидат носители на репрезентацијата во следниот квалификациски циклус. Покрај нив, ќе имаме и неколку фудбалери родени во 2005 година, кои поради возрасната граница нема да имаат право на настап во следниот циклус, но станува збор за играчи со потенцијал и квалитет за А-репрезентацијата.

Фудбалерите од помладите генерации, кои беа дел од претходниот собир, овојпат ќе бидат на располагање на селекторите на соодветните младински селекции, кои ги очекуваат квалификациски натпревари. Во Федерацијата работиме според заеднички концепт и со јасна цел, развој на играчите и напредок на репрезентативниот фудбал.

Иако станува збор за пријателски натпревар, за нас тој има големо значење. Ќе ни овозможи да видиме како функционираме и реагираме против силен противник, но и да добиеме појасна слика за работите на кои треба да посветиме внимание во периодот што следува.“, изјави Таневски.