Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска истакна дека ставот на оваа Влада во однос на уставните измени е јасен и непроменет и оти се надева дека дијалогот со Бугарија на крајот ќе вроди со плод.

– Што се однесува до уставните измени, нашиот став како Влада е јасен и тој е непроменет. За жал, поради експозициите и антидржавната политика на претходната влада на СДСМ и Демократската унија за интеграција, ние сега имаме политички услов, а тоа се уставните измени, иако многупати во тоа време предупредувавме, бевме опозиција, предупредувавме да не влегуваат во такви авантури. За жал, тоа не го послушаа и сега ние можеби сме единствениот пример во кој, покрај оние суштински реформи што треба да ги спроведеме, имаме и политички услови. Но, тоа е што е, ние го водиме дијалогот со нашиот источен сосед. Се надевам дека тој дијалог на крајот ќе вроди со плод и ќе можеме да зборуваме за процес што, конечно, 21 година по стекнувањето кандидатски статус и 26 години по потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација, ќе можеме да почнеме со процесот на преговори – рече Мицкоски, кој денеска беше на настан во Пирава.