Во Рим речиси на секој чекор се наидува на нешто што веќе сме го виделе на фотографии. Монументални градби, плоштади, базилики, тесни улици и археолошки остатоци што сведочат за векови историја. Илјадници туристи секојдневно минуваат низ градот, со однапред испланирани маршрути. Но, зад таа добро позната слика постои и друг Рим, градот на луѓето што тука работат, плаќаат кирија, бараат стан и се обидуваат да го зачуваат своето место во него.
Токму разликата меѓу овие две слики ја открива противречноста на современиот Рим: град што привлекува посетители од целиот свет, но истовремено се соочува со прашањето колку е достапен за сопствените жители.
Околу железничката станица Термини, туристичкиот метеж е дел од секојдневието. Туристи, куфери, групи што ги следат водичите, автобуси, хотели и апартмани за краткорочно изнајмување. Туризмот е една од главните економски сили на Рим, но неговото влијание не се гледа само во полните хотели и угостителските објекти. Тој ги менува и населбите, начинот на кој се користат станбените простори и цената на животот во центарот.

За туристите, неколкудневниот престој во историскиот дел на градот е дел од доживувањето. За жителите, станот е долгорочна потреба, а, пак, растечките цени на кириите сè поголем товар. Кога станбените простори стануваат туристичко сместување, се отвора прашањето колку простор останува за луѓето што сакаат да продолжат да живеат во центарот.
Градот како отворен музеј
На плоштадот „Пјаца дела Република“, монументалната архитектура и фонтаната ја откриваат раскошната страна на престолнината. Недалеку се наоѓа базиликата „Санта Марија Маџоре“, еден од најзначајните христијански храмови во Рим и една од четирите главни папски базилики.

Нејзината историја започнува во петтиот век, а внатрешноста ги чува ранохристијанските мозаици и уметнички дела создадени во различни периоди. За македонската и пошироката словенска културна историја, храмот има и посебно значење. Според историското предание, во 867 година, за време на престојот на светите браќа Кирил и Методиј во Рим, словенските богослужбени книги биле поставени на олтарот во базиликата, во контекст на нивното одобрување од папата Адријан Втори.

Овој настан е значаен момент во историјата на словенската писменост и литургиска традиција. Во базиликата и денес се наоѓа спомен-плоча посветена на светите браќа, како потсетник на историската врска меѓу Рим и нивната просветителска мисија.
Другиот голем симбол на градот е Колосеумот. Пред неговите антички ѕидини, туристичките групи, водичите и посетителите се менуваат речиси непрекинато. Фотографирањето е неизбежен дел од посетата, а огромниот амфитеатар и по речиси две илјади години останува една од најпрепознатливите градби во светот.

Изграден во првиот век од нашата ера, Колосеумот, бил сцена на гладијаторски борби и јавни спектакли кои што имале важна улога во општествениот и политичкиот живот на Римската Империја. Неговата архитектура, системот на арки и подземните простории сведочат за инженерските достигнувања на античките Римјани.

Денес, сепак, неговата улога е поинаква. Од простор на масовни спектакли станал едно од најпосетуваните културно-историски места во светот. Неговата грандиозност привлекува милиони луѓе, но и ја покажува способноста на Рим да го претвори своето минато во дел од современата туристичка економија.
Она што не влегува во туристичките фотографии
Надвор од најпознатите знаменитости, градот открива и поинакви сцени. Во близина на станиците и на поголемите сообраќајни точки може да се забележат луѓе што спијат на тротоарите, клупите или во импровизирани засолништа.

Присуството на бездомништвото е во остар контраст со раскошот на околната архитектура и туристичкиот блесок. Тоа е дел од пошироките социјални проблеми со кои се соочуваат големите европски градови, меѓу кои се станбената несигурност и растечките трошоци за живот.

Прашањето кој може да си дозволи да живее во центарот на Рим станува сè поважно во град во кој краткорочното туристичко изнајмување носи приходи, но истовремено влијае врз станбениот пазар. Туризмот создава економска активност, но неговите придобивки не се чувствуваат подеднакво кај сите жители.

Овие прашања беа меѓу главните теми и на протестот организиран од Синдикалната организација на базата (УСБ) на 30 октомври, на плоштадот „Пјаца деи Чинквеченто“, во близина на станицата Термини.
Демонстрантите побараа повисоки плати, подобри работнички права, достапно домување и поголеми вложувања во јавните услуги. Меѓу барањата беше и минимална месечна плата од 2.000 евра.

Според податоците што ги изнесе синдикатот, во Италија биле регистрирани 37.000 барања за иселување, што Синдикатот го посочи како показател за сериозноста на станбената криза. Синдикатот ја критикуваше и распределбата на јавните средства, тврдејќи дека околу 14 милијарди евра се насочуваат кон големите компании, меѓу кои и „Леонардо“, наместо кон потребите на работниците и јавниот сектор.

Меѓу демонстрантите имаше и млади луѓе, а беа истакнати палестински и комунистички знамиња. Собирот беше проследен со засилено полициско присуство. „Нема да бидеме работна сила за вашата војна“, беше една од пораките на демонстрантите.

На само неколку чекори од станицата низ која секојдневно минуваат илјадници туристи, демонстрантите зборуваа за плати, домување и јавни услуги. Теми што ретко се дел од туристичките водичи, но се суштински за секојдневниот живот во градот.
Градот е повеќе од неговата разгледница
Рим е град во кој минатото е присутно на секој чекор, но неговата сегашност не може да се разбере само преку спомениците и туристичките маршрути. Зад историските фасади се одвива животот на луѓето што работат, се соочуваат со високите трошоци и бараат услови за достоинствен живот.

Туризмот не мора да биде во спротивност со потребите на локалното население. Но, развојот на градот не може да се мери само според бројот на посетители, полните хотели и приходите од туристичката индустрија. Важни се и достапноста на домувањето, квалитетот на јавните услуги и условите во кои живеат неговите жители.

Рим не мора да престане да биде една од најпосетуваните светски дестинации за да остане град во кој може да се живее достоинствено. Но, зад грижата за неговото културно наследство мора да стои и грижата за луѓето што му даваат живот.

Затоа што градот не е само она што го посетуваме, фотографираме и го носиме дома како спомен. Тој е, пред сè, простор за живот, и треба да остане таков и за оние што го нарекуваат свој дом.




