Владата предводена од СДСМ во 2023 година не дала согласност за продажба на акциите на Алта банка, туку донела заклучок за ангажирање на Државното правобранителство за заштита на државните интереси – изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција во Собранието.
Филипче, заедно со пратеничката група на СДСМ и коалицијата, презентира, како што посочи, записник од владината седница од 24 октомври 2023 година, за кој рече дека ги демантира тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски изнесени на надзорната расправа за Алта банка.
– Премиерот, денеска, на надзорната расправа изнесе брутална лага. Човекот лажеше дека Владата на СДСМ во 2023 година донела одлука да влезе во деловни односи, така кажа, го цитирам, со Алта банка од Србија – рече Филипче.
Тој објасни дека станува збор за постапка поврзана со акциите што ѝ припаѓале на Македонија врз основа на сукцесијата од поранешна Југославија. Според него, Давор Мацура побарал да ги откупи акциите, но за тоа не добил согласност од тогашната влада.
Посочи дека откога Мацура стекнал над 90 проценти од акциите во белградската Алта банка, преостанатите акции биле преземени без согласност на македонската страна, врз основа на механизмот предвиден во српското законодавство.
– Според српскиот закон, кога некој поседува над 90 проценти, по автоматизам ги откупува акциите на другите акционери, без нивна согласност, какви што сме биле ние, нашето Министерство за финансии. Значи, Давор Мацура, според правилата на Белградската берза, ги откупува акциите на Министерството за финансии на РС Македонија, без согласност, затоа што не му треба – рече Филипче.
По тој процес, како што наведе, Владата на 24 октомври 2023 година донела заклучок за заштита на државниот интерес, со кој било предвидено Државното правобранителство да стапи во комуникација со српските институции.
– Еве го записникот од владата, 24 октомври 2023 година, а одлуката, заклучокот од владината седница е да се ангажира Државното правобранителство како орган што го штити државниот интерес, вклучувајќи ги и малите акции што биле откупени без наша согласност, да влезе во комуникација со српските институции со цел да се заштити државниот интерес на РС Македонија – истакна Филипче.
Тој нагласи дека во документот нема одлука за продажба на акции или за воспоставување деловни односи со Алта банка.
– Ни збор за продавање акции, ни збор за етаблирање бизнис-интереси со Алта банка. Едноставно и единствено, само заштита на државните интереси. Ете тоа е целокупниот процес поткрепен со документи – порача Филипче најавувајќи дека документите ќе им бидат доставени и на медиумите и на јавноста.
Според него, настапот на премиерот е обид одговорноста за влезот на Алта банка во Македонија да се префрли врз претходната влада.
– Зошто би дефокусирал? Зошто би мавтал со документи што не ги чита и не ги цитира и сака да ја префрли вината на претходната влада на СДСМ? – праша Филипче.
Тој побара и Јавното обвинителство да го испита случајот.
– Ова е само уште една причина да се вклучи Основното јавно обвинителство и добро да истражи зошто е потребно премиерот вака да лаже и манипулира во јавноста – рече Филипче.
Фото: принтскрин




