Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, преку својот фејсбук-профил упати честитка до граѓаните по повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје и го испрска со својата политикантско-партиска „крв“ и денот кој треба достоинствено да се одбележи.

Како што наведува Филипче, слободата што ни ја оставија хероите од НОБ не е само историски спомен, туку е и наша обврска што треба да ја чуваме и пренесуваме на идните генерации.

Тој оценува дека Скопје денес е повторно заробено и претворено во заложник на лични и бизнис-интереси.

– На овој ден им оддаваме почит на хероите од Народноослободителната борба, на нивната храброст, пожртвуваност и непокор, на партизаните што го ослободија Скопје од фашистичкиот окупатор. Тие се бореа и се жртвуваа за слобода, за достоинство и за иднина на Скопје – да биде град на сите граѓани. Слободата што ни ја оставија хероите од НОБ не е само историски спомен, таа е наша обврска што треба да ја чуваме и пренесуваме на идните генерации. За жал, денес Скопје повторно е заробено од неспособната и криминална власт на ВМРО, која го претвори главниот град во заложник на сопствените бизнис-интереси. Градот тоне во сообраќаен хаос, преполн со ѓубре и диви депонии, со небезбедни улици и нефункционални јавни услуги. Наместо развој и европска метропола, скопјани добија град во кој секојдневието е борба за основните потреби – пишува Филипче.

Според него, Скопје и скопјани не заслужуваат да бидат заложници на оваа, како што вели, ненародна и криминална власт.

– Водени од вредностите за кои се бореа генерациите пред нас – слобода, солидарност, правда и достоинство, ќе ја продолжиме борбата против криминалната власт, ќе го вратиме Скопје на граѓаните. Вечна слава на хероите од Народноослободителната борба – истакнува претседателот на СДСМ, Филипче.

Фото: Архива