ЗАМИНАЛ НА ПЕЧАЛБА, НЕ СЕ ВРАТИ ЖИВ: Загина уште еден македонски државјанин во Италија

/ 15.11.2026

Голема трагедија се случила во Италија, каде што животот го загубил 47-годишниот Вехап Деари, по потекло од селото Дебрце, Општина Желино, во тетовскиот регион.

Несреќата се случила на 11 ноември, додека Деари извршувал работни задачи на морска платформа за експлоатација на природен гас во Јадранското Море, во близина на италијанскиот град Пезаро.

Несреќниот маж со години живеел и работел во италијанскиот град Равена, а бил вработен во компанијата „Донели“, која изведувала работи на металните конструкции на платформата „Бренда“.

Според првичните информации објавени од италијанските синдикати, 47-годишникот најверојатно паднал во морето додека работел.

Особено потресен е податокот дека еден од неговите колеги веднаш скокнал во водата, обидувајќи се да му го спаси животот. И покрај храбрата реакција, трагедијата не можела да биде спречена.

Италијанските синдикати изразиле сериозна загриженост за околностите во кои се случила несреќата, особено за безбедносните мерки и начинот на кој била организирана спасувачката операција.

Според првичните синдикални информации, телото на работникот можеби било пронајдено дури околу три часа по падот во морето. Сепак, оваа информација сè уште не е официјално потврдена.

Синдикалните организации бараат детална истрага за да се утврди како дошло до трагедијата, дали биле почитувани сите безбедносни процедури и дали спасувачките служби реагирале навремено.

Како знак на протест, синдикатот ФИОМ-ЦГИЛ најавил двочасовен штрајк за 17 ноември во металопреработувачкиот сектор во провинцијата Равена.

 


Од истата категорија