Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Одржува министерот Панче Тошковски брифинг. За семејното насилство и што се се’ прави за тоа да се намали. Што е во ред.
Тука немаме спор. Но, вели, Тошковски, ние сами, како МВР, нема ништо да сториме ако сите не се сплотиме во едно – обвинителство, судови, социјални служби, лекари-психолози и психијатри, советувалишта, владата, Собранието како законодавен дом за да се дигнат два прста за законски измени, бирократијата која потоа треба да ги подготви подзаконските акти… е да, и новинарите, се разбира, кои обично се како гуски во магла, но, сепак… со еден збор, еден сплет од сите сегменти на едно општество кои треба да го искоренат менталниот склоп дека насилството е некаква опција.

Тука е се разбира и економскиот напредок на државата. Брачен партнер или воопшто партнер, кој не е економски самостоен, секогаш може да биде подложен на опцијата која вели дека друга опција не ни постои, освен да остане таму каде што е и да трпи.
И потоа Тошковски наметнува една друга тема – дигитализацијата на МВР. И вели дека Министерството, сега во 2026 година, се уште е на ниво на тефтери. Не компјутери, туку тефтери. И е на ниво на писарот Виќо од Сомнително лице со легенданиот Прличко. И еве како пластично го опишува тоа.

Ова е Тошковски, од збор, до збор, петок, 13 ноември:
-Дали знаете како се запишува и се евидентира кривично правен настан во Македонија во 2026 година? Со тефтер. Во моментот имаме 36 евиденции, односно книги (тефтери, м.з.), а претходно биле 70-ина евиденции. И сега ќе зборувам во мое име. Еве како функционира тоа. Оди човек во полициска станица и вели – добар ден, јас сум Панче Тошковски. Сакам да пријавам кривично правен настан и кажувам: дома со сопругата се скаравме, таа го зеде дикелот (мотика со два крака) и ме „учука“.
-Сопругата ве удри?! – прашува дежурниот.
– Да, сопругата!
– Со дикел? Во ред.
И отвора книга број 1 и вели – чекајте господине, кривично правен настан. И повторно – име и презиме, матичен број. И продолжува: -Рековте сопругата?
– Да!
– Добро, значи семејно насилство, само момент.
И ја отвора книгата број 2. И повторно име и презиме и матичен број. -И, што рековте дека ви направи? – прашува службеникот.
– Па ме удри со дикелот.
-И…?
– Окото потечено.
-Скршеница?
– Да!
– Значи, тешка телесна повреда – заклучува службеникот.
-И ја зема книгата број 3. И повторно име и презиме и матичен број. И продолжува:
-И друго што се случи?
– Па сопругата вика, а децата беа тука.
-Значи и малолетници имаше?
– Да!
И тогаш, тој, вели Тошковски, ја отвора книга за малолетници.
– Ќути, велам, среќа пиштолот што не го зема…
И службеникот се наострува.
-А и пиштол имате на самото место? И отвора седми тефтер и запишува…
– Е тоа е 2026 година, 11-ти месец. Реално е тоа. Ова што го зборувам. Во моментот имаме 36 евиденции (книги-тефтери), а претходно беа 70-ина. Ова го видов точно пред две години и три месеци кога станав министер – вели Тошковски.
И прашал: А што правите кога треба да вкрстите податоци?
-Ааа, а си ги знаеме ние тефтерите – му рекле.

Ете, тоа е Македонија. Во 2026 година. Некој од тие на брифнгот праша, а што правевте ова време. Работевме, вели Тошковски.

– Сосема е легитимно прашањето што правевте последните две години? Ќе кажам: Работевме на дигитализацијата. И сè уште работиме. Да работеле претходно и тие три години, ќе сме имале. А за кратко, за три-четири месеци најмногу, се надевам и побргу, ќе видиме до кај стигнало Министерството за внатрешни работи во 2027 година – рече Тошковски.
И навистина, а што се правело претходно и уште побитно, зошто никој досега не прашал што се правело претходно?

Така што, ние сме се уште во времето на писарот Виќо. Доаѓа селанецот да се поплаче на комшијата, тој го зема плајвазот, плукнува во него за да пишува поубаво, му ја дава прво крпата со која го врзал челото зашто се опил синоќа, за селанецот да му ја натопи со вода, плукнува уште еднаш во плајвазот и почнува да го полни тефтерот. Што всушност и не е систем од времето на Нушиќ, туку на Османлиската империја. Со тоа што тогаш не се викал тефтер или според модерниот израз „книга“, туку китап.

Сега сме 2026 година. Во која јас се чудам што има владини функционери кои сметаат дека новинарот за да работи не треба да има компјутер, дека може да запишува на тетратка, по можност купена од Бит Пазар за 10 денари, за да помине поефтино, а дека на пат треба да оди автостоп. Да крене нога и некој камионџија да му застане. Ама јас мислев дека тоа сфаќање се однесува само на оваа професија и на оние новинари кои не го поддржуваат предавството на Македонија.

А потоа го слушам Тошковски во каква состојба го затекнал МВР. Со преку 70 китапи. И плакари во кои се сместени тефтерите. И некои работи ми стануваат појасни.

И при сето ова, пак читам дека проблем во државава биле парите за обвинителите и судиите. И дека тие ќе се зголемат и тоа поприлично. И гледам огласи за судски службеници. Секој ден. Зашто господата не можат да стигнат да наместат и да сокријат толку предмети колку што има во државава високо профилиран крминал затскриен зад договорите со Бугарија и Грција. И да ослободат толку високопрофилирани криминалци колку што ги има, па за тоа им требаат повеќе луѓе и повеќе пари.

А, само некој ден пред Тошковски, Мицкоски рече дека има преку стотина пријави за претходната власт кои се мушнати по фиоки и плакари каде ги нагризуваат глувци. Што е фино. Оти и глувците треба да јадат нешто. Ама пак, замислете така да се однесуваат онколозите. И не само тие. Воопшто лекарите. Еве, мојот пријател од гастро. Ме „мавнува“ панкреасот, онака јако, те треснува од земја, а тој да ми го стави досието во фиока. Оти ако те боли, значело дека си жив. Што е фина филозофија, нели?

Ама не, тој ќе седи со вас, цела вечер, и потоа ќе прими 80-тина илјади денари, затоа што ви го спасил животот. А овие другиве ќе ослободуваат криминалци, ќе им праќаат стриптизети дома за да се чувствуваат фино, за да не доживеат некоја траума, оти како што вели д-р Габор Мате, тоа води кон потешки состојби, и уште нив ќе треба да плаќаме повеќе, а овие првиве да ги плукаме.

И после се чудам зошто некој смета дека да имаш компјутер е непродуктивно. Па непродуктивно е, зашто непродуктивен ни е умот. Менталниот склоп. И армија од такви како Габор Мате да дојде, прашање е дали ќе ни помогне. Можеби да, ама, да бидам искрен, скептичен сум.

И повторно се враќам на брифингот на Тошковски за семејното насилство. И ми паѓаат на памет оној обвинител и оној судија од Велес кои го пуштија на слобода типот кој ја малтретираше Росица, а потоа ја уби. И неа, и нејзиниот татко, а потоа се самоуби. И никому ништо. Судскот совет и натаму е згрижен како арктичка мечка, Советот на јавни обвинители исто, тие што ја предаваа Македонија добиваат државни хонорари и си ја мачкаат кожата со млеко од камила за да им биде нежна, а другите…? Па, кој им е крив, нели?

Е, кога сме кај судовите, да не го прескокнам и претседателот на Уставниот суд, Костадиновски кој неделава изјави: „Наша должност е да им одолееме на политичките притисоци и да ја држиме политиката во рамките на правото“.
И тоа го вели човекот кој го дише истиот воздух со Кацарска. Заедно со уште други седум судии. Немаат проблем со тоа. И ни продаваат независност од политика. И пак, Бог да чува и да брани.

За крај, да споменам и дека некоја си Кица Колбе од велешко, со предци од Егејска Македонија, објавила книга под наслов „Егејци“ и ја промовирала во Атина. Демек голем успех. Тоа е таа Кица Колбе која крв проплука во медиум финансиран со странски пари, што на Филипче не му пречи како што е тоа з други медиуми, за да ги поддржи бришењето на „Егејците“ кои се чувствуваат како Македонци. И се е во ред, зар не? Ама, тоа ти е…

Инаку, Мартин Карбовски, бугарскиот новинар кој и служел на бугарската тајна служба, што се покажа во случајот со Ива Михаилова, е тој кој тврдеше дека нашата историја е толку „голема“ што ќе ја спакува во едно плико и ќе ни ја прати. Ете толку за бугарсктото новинарство, за нашата историја, за бугарската тајна служба и за Договорот на Заев и Борисов.