Светската награда за „Безбеден град“ свечено врачена во Дубаи, објави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

-На официјалната церемонија во рамки на World Police Summit 2026 во Дубаи, ја имав честа да ја примам престижната награда „Excellence in Road Safety“, која Македонија ја освои за проектот „Безбеден град“. Ова е значајно меѓународно признание за Македонија, за македонската полиција и за реформата со која поставуваме нови стандарди во безбедноста на сообраќајот. Покажавме дека Македонија има капацитет да создава современи решенија, да спроведува суштински промени и да биде препознаена на светско ниво, објави Тошковски.

Оваа награда, додава тој, му припаѓа на секој македонски граѓанин кој веруваше во оваа промена, ја поддржа и со својот придонес стана дел од заедничката мисија за побезбедни патишта.

– Но, ова признание не е крајната цел. Тоа е дополнителна одговорност да продолжиме со уште поголема решителност во она што е најважно, да го намалиме бројот на сообраќајни несреќи, да спречиме трагедии и да заштитиме што повеќе човечки животи. Продолжуваме уште посилно! За побезбедни патишта, за заштитени човечки животи, за побезбедна Македонија, пишува Тошковски на Фејсбук.

Во рамки на Светскиот полициски самит, министерот Тошковски ја имаше честа да се обрати и на воведните обраќања (Welcoming Speeches), пред меѓународни полициски претставници и учесници на самитот.

Во своето обраќање тој ја нагласи важноста на меѓународната соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици, истакнувајќи дека иако надлежностите на државните институции имаат национални граници, последиците од нивното дејствување или недејствување ги надминуваат тие граници.

Како конкретен пример за успешна меѓународна соработка, министерот ја посочи заедничката истрага на македонската полиција и ФБИ против нелегалната онлајн платформа OLVX, поврзана со трговија со украдени лични податоци и алатки за сајберкриминал. Тој потенцираше дека активностите преземени во Македонија придонеле за дигиталната безбедност на граѓани во Соединетите Американски Држави.

„Големината на една држава не ја ограничува важноста на нејзиниот придонес. Една навремена информација, една успешна истрага или една спречена закана можат да заштитат човечки животи далеку над нејзините граници“, беше една од клучните пораки во обраќањето на министерот.

Свеченото врачување на наградата претставува меѓународно признание за заложбите на македонската полиција за унапредување на сообраќајната безбедност, но и дополнителна обврска за продолжување на реформите, модернизацијата и воведувањето современи решенија во служба на граѓаните.