– Има места во Рим за кои не ви е потребен туристички водич. Доволно е да скршнете од главната улица за да налетате на неколку векови историја. Но, историјата не е нешто што треба само да се фотографира или прочита на информативна табла. Доволно е да застанете и да погледнете, таа, едноставно, е тука околу вас. Такво место е базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините“, еден од најстарите и најзначајни христијански храмови во светот, подигнат над гробот на апостол Павле.
Далеку од вообичаената туристичка врева околу Колосеумот, Фонтаната ди Треви и Ватикан, базиликата нуди поинакво искуство на Рим. Не затоа што е помалку грандиозна, напротив, затоа што непретенциозно ви го привлекува вниманието. Кога веќе сте тука, нема потреба да брзате до некоја друга знаменитост. Уште пред да влезете, станува јасно дека монументалноста овде не е само прашање на архитектурата, туку и на симболиката.

Предворје со 150 столба и златни мозаици
До храмот се пристигнува преку пространо предворје, опкружено со 150 столба, во чиј центар се наоѓа статуа на апостолот Павле. Фасадата е украсена со златни мозаици, на кои се претставени Христос, апостолите и библиски мотиви. Целиот комплекс е изграден околу споменот на човекот чија идеја силно влијае во развојот на христијанството.

Името на базиликата доаѓа од нејзината местоположба надвор од некогашните ѕидини на антички Рим, по што и го добила името. Се наоѓа покрај некогашниот пат Виа Остиенсе, каде што бил погребан апостолот Павле по неговото погубување во периодот меѓу 65 и 67 година од нашата ера. Подоцна, над неговиот гроб, била изградена првата базилика, осветена 324 година. Со зголемувањето на бројот на верници и аџии, храмот кон крајот на четвртиот век бил проширен во монументална петобродна базилика, со цел да одговори на потребата од сè поголем простор за богослужба.
При ова можеби вреди да ги споменеме загубените апокрифни „Дела Павлови“, напишани веројатно околу 160 година и веројатно базирани на преданија на римските христијани, кои детално опишуваат што се случувало со Павле.
Нерон го осудил на смрт со отсекување на главата, најверојатно по големиот пожар што го зафатил Рим во 64 година, а пред 68 година, која е последна година од владеењето на Нерон.
Преданието вели дека погубувањето на светецот се одиграло на Лаурентинскиот пат и дека по отсекувањето на неговата глава, таа трипати отскокнала и удрила на земјата и секојпат кога ќе ја допрела земјата, од него почнувала да извира вода. Така на тоа место се создале три извори.
На тоа место денес се наоѓа црквата „Свети Павле“. Првпат е подигната во петтиот век, а денешната во 1599 година по налог на кардиналот Петро Алдобрандин. Изворите, односно фонтаните, во 20 век се запечатени поради загаденост на водата.
За еден столб од овој храм се верува дека е тој на кој Павле бил заврзан пред погубувањето, но тоа е веројатно само невистинита приказна, која е создадена подоцна.
Според преданието, св. Павле е погребан три километри подалеку од местото на погубувањето, каде што денес се наоѓа оваа базилика, една од четирите папски базилики во Рим. Под нејзиниот олтар се наоѓа гробот на апостолот, во гробница која ѝ припаѓала на христијанката по име Луцина.
Истовремено, моштите на апостолот се префрлени во саркофаг, кој се наоѓал под олтарот на базиликата и во хаосот во наредните векови било заборавено каде точно се наоѓа. Првиот знак дека повторно е откриен доаѓа во 19 век, а пред 20-ина години археолозите и другите научници потврдиле дека таму навистина се наоѓаат моштите од светецот.

Временска линија на папите и гробот на апостолот
Иако предворјето веднаш остава силен впечаток, вистинското доживување почнува по влегувањето во храмот. Долгите редови столбови, високите тавани, златните мозаици и светлината што продира во внатрешноста создаваат простор што истовремено изгледа грандиозно и изненадувачки смирено.

Интересен детаљ се и портретите на папите, поставени во кружни медалјони по должината на горниот дел на ѕидовите. Нивниот континуитет создава необична временска линија – од апостолското време до денешниот понтифекс.
Во средишниот дел, под папскиот олтар, се наоѓа гробот на апостолот Павле, причината поради која храмот бил подигнат токму на ова место. Над него е поставена мермерна плоча со латинскиот натпис PAULO APOSTOLO MART, односно „На Павле, апостол и маченик“. Местото кон кое се насочени погледите на верниците, но и на посетителите што доаѓаат од поинакви културни и светогледни позиции. Дури и кога религиозниот аспект не е дел од нивното лично искуство, тешко е да се остане рамнодушен пред тежината на едно место кое со векови е точка на сеќавање и почитување.


Пожарот од 1823 година и повторното раѓање
Сепак, историјата на базиликата не е само приказна за непрекинат континуитет. Во јули 1823 година пожар речиси целосно го уништил храмот. Обновата, во која учествувале дарители од разни земји, била обид да се зачуваат неговиот историски изглед и значењето. Базиликата повторно била осветена 1854 година. Така, дел од она што денес го гледаме е резултат на реконструкцијата од 19 век, но и на настојувањето да не се прекине врската со минатото.


Тишината на средновековниот клаустер
Посебен дел од комплексот е средновековниот клаустер, со мермерни столбови, мозаични украси и археолошки остатоци. Тој нуди поинакво доживување од монументалниот главен наос – помирно, поповлечено и поблиско до секојдневниот живот на монашката заедница што со векови го одржувала овој простор. Тука некако полесно се разбира дека базиликата не е само архитектонски споменик, туку и комплекс во кој со векови се одвивале секојдневниот живот, молитвите и работата на монашката заедница. Зад големите историски настани секогаш постои и една помалку видлива историја, на оние што живееле, работеле, се грижеле местото да опстане.

Можеби токму затоа базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините“ е интересна и денес – поради способноста да не биде само споменик на минатото, туку живо духовно средиште, но и архитектонско наследство и место што ги поврзува луѓето со разни искуства, убедувања и причини за посета. Овде навистина вреди човек да го забави чекорот и да погледне малку подолго како потсетување дека историјата не е нешто што завршило. ра/дј


Фото: МИА




