Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска се наоѓа во работна посета на општина Валандово.
Николоски изврши увид во реализацијата на дел од инфраструктурните проекти што се реализираат во општината.
-Навистина ми е драго што гледам како се реализираат проекти. Посветуваме внимание на секое населено место. Ниту едно населено место не е заборавено, од најголемото до најмалото. За општина Валандово, Владата предвиде директна финансиска поддршка од некаде околу 100 милиони денари, од кои 65 милиони денари се директно од буџетот на Министерството за транспорт и некаде околу 35 милиони денари преку двата повици кои ги имаше Владата, рече Николоски.
Со парите од Министерството за транспорт, рече вицепремиерот и министер, се реализира навистина голем проект за асфалтирање на повеќе улици. Тоа, вели, сериозно ќе придонесе за подобрување на условите за живот на сите населени места.
-Имајќи предвид дека овие населени места се во близина на Коридорот 10, на автопатот кој води од Куманово, преку Скопје, Гевгелија до Солун и Атина, се работи за најживиот и економски најзначајниот автопат. Ова ќе значи и можност за искористување на туристичкиот потенцијал на овие места, рече Николоски.




