Кина ги повика САД да ги укинат предложените ограничувања за директен пристап на кинеските телекомуникациски оператори до телефонските броеви во САД, велејќи дека овој потег ги крши принципите на фер конкуренција и е дискриминаторски, објави кинеска новинска агенција.

Федералната комисија за комуникации на САД ги злоупотреби своите регулаторни овластувања и претерано го прошири опсегот на концептот „национална безбедност“, упатувајќи произволни обвинувања против кинеските телекомуникациски компании без фактичка основа и злонамерно поткопувајќи го нивниот бизнис во САД, изјави портпаролот на кинеското Министерство за трговија.

Портпаролот додаде дека неодамна американскиот регулатор продолжил да инсистира на „одвојување“ и нарушување на синџирите на снабдување меѓу Кина и САД во областите на телекомуникациите, комуникациите, тестирањето и сертификацијата.

Ваквите дејствија се спротивни на важниот консензус постигнат од двајцата шефови на држави, Шји Џјинпинг и Доналд Трамп, и ја поткопуваат стабилноста на економските и трговските односи меѓу Кина и САД. Кина ги повика САД веднаш да ги укинат овие мерки и да се вратат на правилниот пристап за решавање на проблемите преку консултации, рече портпаролот, нагласувајќи дека Кина ќе преземе неопходни чекори за цврсто да ги заштити сопствените интереси.

Пред неколку дена, Федералната комисија за комуникации на САД одлучи да го ограничи пристапот до американските телефонски броеви од страна на „злонамерни субјекти“ кои се сметаат за одговорни за „нелегални кампањи за роботски повици“.

Меѓу засегнатите субјекти се големите телекомуникациски групи China Unicom, China Telecom и China Mobile. Според федералната комисија, „растот на субјектите кои вршат автоматизирани повици“ како во САД така и во странство создава „нови предизвици“ за заштита на националните мрежи.