Белгискиот крал Филип денеска му даде дополнително време на премиерот Барт де Вевер за постигнување договор за буџетот, откако повеќедневните преговори не успеаја да го надминат ќор-сокакот меѓу партиите во владејачката коалиција.
Де Вевер го информираше кралот, во Кралската палата во Брисел, по неколкудневните неуспешни разговори со коалициските партнери, меѓу кои и средбата на потесната група министри во владата, одржана претходно денеска.
Кралот изрази жалење поради отсуството на напредок и го повика Де Вевер што поскоро да постигне договор, се наведува во соопштението на палатата. Тој ги повика сите партии да го стават јавниот интерес на прво место и да преземат одговорност за да спречат продлабочување на политичката криза.
По средбата, Де Вевер изјави дека ќе ги свика лидерите на партиите од владејачката коалиција за да разговараат како да се надмине блокадата.
Де Вевер рече дека потесната преговарачка група на владата не успеала да се договори за буџетската рамка, бидејќи еден од коалициските партнери го отфрлил предложениот компромис. Се смета дека неговата изјава се однесува на фламанската социјалистичка партија „Воруит“.
Тој предупреди дека непостигнувањето договор до крајот на годината практично би значело пад на владата, бидејќи привремените буџетски аранжмани ќе го достигнат максималниот рок од 12 месеци.
Де Вевер ќе продолжи редовно да го информира кралот за развојот на ситуацијата на нивните неделни средби.
МИА




