НАТО одобри распоредување извидувачки авион од системот за воздушно предупредување и контрола (АВАКС) поблиску до линијата на одбрана, по нарушувањето на полскиот воздушен простор минатата недела, соопшти денеска портпаролката на Алијансата, Алисон Харт.
Во соопштението објавено на социјалната мрежа Икс, Харт наведе дека амбасадорите на земјите членки на НАТО се состанале во Северноатлантскиот совет за да разговараат за инцидентот, кој таа го оцени како „опасен“, а за кој Русија ја смета за „целосно одговорна“.
„НАТО и средствата на сојузниците брзо реагираа на нарушувањата на воздушниот простор, а врховниот командант на сојузничките сили во Европа (САЦЕУР) одобри распоредување авион од системот за воздушно предупредување и контрола (АВАКС) на НАТО поблиску до линијата на одбрана“, изјави Харт.
Таа додаде дека врховниот командант ја разгледува можноста за распоредување дополнителни воени средства, како дел од тековната процена на одбранбената и одвраќачката поставеност на НАТО во Полска и на други места.
„Сите сојузници изразуваат целосна солидарност со Полска. НАТО останува обединет, подготвен и посветен на одбраната од каква било закана“, рече Харт.
Полските обвинители соопштија дека идентификувале остатоци од три руски крстосувачки ракети Х-101, кои навлегле во полскиот воздушен простор за време на рускиот напад врз Украина во петокот.
Окружното обвинителство во Лублин вчера соопшти дека фрагменти од ракетите биле пронајдени во Нови Липовец, во источниот дел на регионот Лублин, како и во Рудник и Молодич, во југоисточниот регион Подкарпатие.
Обвинителите наведоа дека првичните наоди покажуваат оти сите три ракети биле произведени во рускиот град Дубна, во Московската Област, во октомври или ноември 2026 година.
МИА




