Растот на населението во Велика Британија речиси целосно запре поради континуираното и значително намалување на меѓународната миграција – покажуваат најновите податоци на Канцеларијата за национална статистика (ОНС).
Според прелиминарните податоци на ОНС, вкупното население во земјата во 12-месечниот период до јуни 2026 година се зголемило за само 0,12 проценти, односно за 80.100 жители – од 69.483.900 на 69.564.000 жители.
Ова е најниска стапка на раст од 1983 година, кога изнесувала 0,04 проценти.
Нето-меѓународната миграција – разликата меѓу бројот на луѓе што се доселуваат во земјата на подолг рок и бројот на оние што ја напуштаат – придонела за речиси целиот овој пораст, односно за 77.000 жители.
Остатокот од зголемувањето се должи на природниот прираст, бидејќи во овој период бројот на родени (646.000) бил малку поголем од бројот на починати (643.000).
Годишната стапка на раст на населението значително забавува во последните години, откако го достигна врвот од 1,34 проценти во 12-месечниот период до средината на 2023 година. Во 2024 година таа се намали на 0,97 проценти, во 2025 година на 0,33 проценти, а во последните 12 месеци падна речиси на нула.
Одделни податоци што Канцеларијата за национална статистика ги објави денеска покажуваат дека нето-миграцијата во 12-месечниот период до јуни се намалила за 62 проценти и сега е за 92 проценти пониска од рекордното ниво од 944.000 лица, регистрирано во март 2023 година.
Нето-миграцијата е главниот двигател на растот на населението во Велика Британија од почетокот на овој век, а неодамнешното забавување на растот е последица на значителното намалување на миграцијата во изминатите три години.
Според Канцеларијата, континуираното намалување на миграцијата се должи на помалиот број доселеници од земји надвор од Европската Унија што доаѓаат во Велика Британија поради работа или студирање, како и на зголемувањето на бројот на луѓе што ја напуштаат земјата.




