Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Вчера на 28 ноември 2026 година, се навршија девет години од кога бандата на Заев со специјалци ги апсеше луѓето од „27 април“. Влегуваа во нивните домови со специјалци во полна воена опрема во пет часот наутро, ги трауматизираа децата на луѓето, правеа спектакли, ашикуваа, се изживуваа и што ли уште не. Нешто што може да се прочита, на пример, само кај Ремарк и неговата фамозна „Триумфална капија“ (измачувањето на доктор Равик во еден неверојатен сплет на бедотијата на човековата душа од една страна, што го има и кај нас во Македонија и величината н возвишеноста на љубовта од друга, што за жал, излгледа кај нас отсуствува). Две во едно, кога би се шегувале, нешто што го може само славниот Германец. Уметност. За разлика од нашиот „27 април“, кој се сведе на брутален физички и психички терор каков што оваа држава не помни уште од времето на Информбирото.

И случајот заврши како што заврши. Со Рускоска, Кацарска, со непознатите во јавност судии од Апелациониот и Врховниот суд кои сето тоа го аминуваа, со илјадници обични граѓани кои ракоплескаа над сето тоа и кои му ставија печат на предавството на државата.
Некој напиша, мислам жената од Куманово беше, Елена Доцевска Божиновска, која, ако не се лажам исто така беше апсена (зошто инаку би напишала, нели, иако не знам како таа имала вина во тој случај, ама сега веќе не е ни битно за овие редови), дека простува, ама не заборава. Чавков исто. Додуше он не напиша дека простува, ама додаде: „да не се заборави“.
И тоа со простувањето не го сфаќам најдобро. Зошто би му простил на некој кој ти нанел зло? Дека со тоа ќе покажеш величина, а ќе го оставиш бедникот да се дави во сопствената мизерија? Дека си над него? Дека си го надминал во духовниот развој? Дека ти си еден вид човечко суштество, а тој друг вид? Хмм, логиката е фина, благородна, ја покажува големината на една душа која простила, наспроти другата. Вселенска големина.

Но, од друга страна, простувањето е работа на Господ. Не на луѓето. Тоа дека ние, православните христијани, имаме и религиски празник за простување е нешто сосема друго и е прашање за разговор, но не и за суштествено расправање на работите. Впрочем основен принцип врз кој е поставена секоја држава, секое општество, врз кој почиваат односите меѓу луѓето е дека на доброто треба да се возврати со добро, а на злото треба да се возврати со зло. И тоа возвраќање треба да го направи државата за да не се премине кон општествена анархија.
Зошто да се возврати на злото? За да може тој кој ве повредил или кој што се огрешил на поредокот, да научи дека не смее тоа и во иднина да го прави и второ, за да се предупредат сите други дека ако го сторат истото или слично на тоа зло или повреда, ќе бидат бележани и казнети. Така се воспоставува ред. Во државата, но и во приватниот живот.

Зашто, ако оставите само на тоа дека сте „велик“ и простувате, вие всушност покажувате слабост и поплочувате пат кон анархија (знам, знам, тоа противречи на „вселенската величина“). Впрочем, зар не е анархија тоа што оваа држава и простила на Кацарска? Да, затоа што покажува дека можете да бидете во служба на едно предавство на државата (смена на името и промена на националниот идентитет на Македонците – процес што се уште трае) и за тоа да бидете наградени. Што и недостига на Рускоска? Што им недостига на тие од СЈО? Фини, измазнети, нафатирани, угледни членови на ова општество. Што им недостига на т.н. новинарите кои застанаа зад тоа предавство? Ене ги, некои од нив и оваа власт ги плаќа, а други трчаат со нив да се сликаат. Внимавајте, не зборуваме тука за слобода на говор и слични нешта. Зборуваме за тоа дека сите беа впрегнати, им беа ставени узди во предавството на оваа држава.

Двајца пријатели кај кои гостував во средината на оваа седмица, онака попат го поставија прашањето за парите кои од јужниот ни сосед биле исплаќани на нашите новинари, а богами и политичари, тема која самите соседи ја отворија и експресно за забошотија, а кај нас не ни заживеа.
Предавставата се случуваат секој ден. И во службениот и во приватниот живот. И покрај се погоре кажано, останува дилемата: да ги оставите бедниците да се дават во сопствената кал простувајќи им или да им возвратите!? Веројатно тоа зависи од случај во случај. Но, ако решите да не им возвраќате, барем не ги наградувајте. Посебно не кога тоа го прави државата. Ако решила, од разни причини, геополитички, регионални, внатрешни или било какви други причини, да не го отвора тоа прашање, можеби затоа што се плаши дека тоа може да им нанесе повеќе штета на граѓаните на оваа држава, барем да не ги наградува предавниците. Оти така, на секој од нас ни ги покажува патот по кој треба да ги воспитуваме децата. Биди кодош, биди предавник, остави ги на цедило тие до тебе, биди човек кој ќе гази преку лешеви и тебе ќе ти биде добро.

А, ако бидеш чесен, ако се жртвуваш за другиот или за државата – ќе бидеш казнет. Како Ана и Игор Дурловски кои не можеа седум години да настапуваат во Македонија. А, ние сега треба да им простуваме и да ги храниме таквите кои му се лигавеа на Заев давајќи му метла, демек да исчистел и кај него или на тие кои после еден митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата другиот ден напишаа – „го исчистивме ѓубрето“.

Сепак, можеби најблиску до вистината е дека кога ќе настрадате – постои веројатност дека и самите сте виновни. Ако некој ве предал, ве изманипулирал, тоа можеби е само затоа што вие сте му дозволиле. Настрана рускоска, Кацарска, Заев и целата таа компанија, тие од „27 април“ беа „виновни“ зашто влетаа во шема кога токму тоа од нив се очекуваше да го направат. Да го направат тоа што го направија за да се оствари предавството. Јас си дозволувам тоа да го кажам, си дозволувам да ги „обвинам“ зашто илјада пати сум докажувал дека правно не се виновни за тероризам и дека вината за насилство треба да се докажува во секој поединечен случај и да се третира како обично нарушување на јавниот ред и мир, бидејќи седница на Собранието немаше (впрочем првично, овој случај во времето на покојниот Марко Зврлевски како Републички јавен обвинител беше заведен како „учество во толпа“, а не како „тероризам“), си дозволувам затоа што прв и единствен уште во декември 2017 година имав емисија за тоа дека случајот не е ни блиску до „тероризам“ во време кога за тоа не смееше ни да се гукне, а уплашени до кафена боја на долната облека беа и адвокатите на обвинетите (освен еден), значи токму поради сето тоа, имам право да кажам дека се „виновни“ затоа што дозволија да бидат изманипулирани. И искористени, за вниманието од пучот во Собранието што го извршија Заевци со изборот на Џафери, да се сврти кон влезот во законодавниот дом, што новинарската мизерна банда го нарече „крвавиот четврток“ (ете ги кодошите и натаму се меѓу нас на државна цицка). Така што, можеби, наместо да им простуваат на тие што ги апсеа, осудените на 211 години треба прво да си простат на самите себе. Па потоа нека му ја мислат и за манипулаторите, кои се можеби повиновни и од самиот Заев.

Исто како што кога во приватниот живот ќе налетате на такви кои би газеле преку лешеви. Што би рекол Фрчко, оној што, види чудо, нешто запнал да ги брани жените од насилство: „Јеби га!“ Бедниците се бедници, тука нема помош, но треба да си простите прво на самите себе што сте го дозволиле тоа што сте го дозволиле.

А сосема е друга работата кога станува збор за државата. Таа, на овие од „27 април“ кои тероризираа, газеа, кои измислија непостојно кривично дело „тероризам“, без оглед на сите околности во кои сега се наоѓа државата, сепак треба да им возврати. Па, потоа еден ден, Господ нека суди кому и како ќе му прости. Ако го има, за што самиот имам илјада докази! А, ако го нема или понекогаш не заборава, за што исто така самиот имам илјада докази – тогаш не знам. Тогаш, останува на нас и на таа некаква универзална енергија на универзумот, нели?

А кога веќе преку Фрчко ги споменав и жените и насилството врз нив, некако на ум ми доаѓа Борис Дамовски кој по повод хистеричните врескачки на тие протести против таквиот вид насилство, напиша: „Шаренее небото над Македонија. Молерот познат од порано“ (а ако напишаното не се однесува на овие протести, нека не ми простува, но нека го прими моето извинување).

Зашто, ако некој навистина го интересираа правата на жените и ако е идејата да се бориме против насилството врз нив (а, има ли друга идеја?), тогаш вистинкото место на кое треба да се обратат, тие што врескаат, а и сите ние (мислам дека предничам од недела во недела со тоа) се обвинителството и судовите. Зашто, ајде да го разгледаме случајот со несреќната Росица од Велес. Еве МВР нешто презелео против деветмина полицајци. Некоја нивна внатрешна контрола. Но, и после тоа, подоцнежниот убиец, беше изведен пред суд. И што се случи? Тој беше пуштен на слобода со условна осуда, после што Росица беше убиена! Значи, полицијата си ја завршила својата работа, а насилникот сепак, откако бил изведен пред суд, бил пуштен на слобода и ја убил Росица. Што бараат тогаш овие хистеричните пред Владата на РМ? Оти, што им недостига на обвинителката и судијата од тој случај? Ништо. Ако не се лажам, обвинителката од тој случај, сега дури сака и да биде шеф на тоа ЈО.

Или случајот со девојчето од Охрид. Сара се вика. Така? Што му недостига на обвинителот кој првично не побара притвор за она разгалено и размазено дериште? Ништо. Тој и натаму со наши пари си ги храни децата, а овие одат да протестираат кај Тошковски. Бог да чува и да брани, што би рекле старите, а некако и јас, како човечки антиквитет на оваа возраст, почнав да го повторува тоа секоја недела. Патем, зар не е место за протест и Советот на јавни обвинители и Судскиот совет? Како врска има Панче со нив кои преминуваат преку сето ова? Одете прво таму, исрлете ги од фотелјите, па потоа, ако ви преостане сила, ете ви ја и Владата, ете ви го и МВР, па врескајте колку сакате.

И при сето тоа, ви станува јасно дека во борбата притив насилството врз жените, поголем сојузник навистина ќе најдете дури и во Фрчко, сеедно на неговиот бекграунд и очигледниот политички мотив да биде на тие протести, отколку во овие кои се обидуваат да јаваат на бранот на протестите што ја носеше Србија до смена на Вучиќ, на бранот кој владее во Тирана и на бранот на протести низ Европа, иако тој се чини издиша како гума на „фичо“ од 1980-тите, натоварено со пиперки и домати и легнато речиси до земја, а на пат кон некој камп во Грција.

Оти да бидеме искрени, да бидеш насилен врз жена или обратно, а има и такви обратни случаи, насилство кое не мора да е само физичко, туку многу почесто и многу повеќе и психичко, секојдневно, кое не можете да го пријавите и кое тешко се докажува, насилство кое може да се сведува и на обична манипулација, сепак е поголема мизерија од таа за која пишував во првите редови на ова неделно писание. И сега, кога тоа се случува, да се вратам на првичната дилема: да простите или не?

И на крај, една работа во која некако не кореспондира едно со друго: Народната банка пред еден месец или нешто слично, малку ги заостри условите за добивање станбен кредит. Владата и премиерот пак, најавуваат мерки за тоа младите полесно да дојдат до стан. Што треба и мора да биде стратегија на оваа држава, а не само стратегија на една влада. Дајте тогаш, видете тоа со НБМ. Позајмете им е еден прст, за да го стават на чело. Заебете тие работи за балони, фискална дисциплина, затегнување на каишот и сл. Во Македонија, станбените кредити не носат таква опасност.

За крај, само да прашам (македонски изговор кога сакате да се „мушнете“ кога има гужва пред неоја врата, нели?): експерти велат дека црното чоколадо со над 75 отсто е како лек зашто содржи флавонаиди кои овозможуваат регенерација на организмот преку матичните клетки. Дали тоа значи дека може цело чоколадо од 100 грама да се изеде, а да не влијае на стомакот? За пријател прашувам! Имајте убав остаток од неделава.