Една жена се удавила денеска кога бродче со кое се превезувале повеќе лица се превртело под манастирот Врањина, на вливот на Морача во Скадарското Езеро, јави РТВ Црна Гора, повикувајќи се на извори од полицијата.
Полицијата наведе дека четири лица биле спасени, а за три се трага. Детали за несреќата засега не се познати.
По исчезнатите лица трагаат припадници на Секторот за вонредни состојби и хеликоптери на МВР на Црна Гора. Таму се и екипи за итна помош, пловни единици на МВР и Службата за спасување.
Медиумите наведуваат дека бродчето се движело во обиколка на манастирот, а подрачјето на Скадарското Езеро денеска било зафатено од силно невреме.
Според пишувањето на други медиуми четири лица загинаа откако бродчето се превртело, а се работи за тричлено семејство и момче, кое се обидело да ги спаси.
Едно од лицата кои успеале да допливаат до брегот за тамошните медиуми изјавило дека во несреќата настрадале мајка, татко, ќерка и момче што се обидело да ги спаси.
– Можеа да се спасат, но мајката се обиде да го спаси своето дете, па и таа загина. Таткото се удави додека се обидуваше да ги спаси, исто и момчето што тргна да им помогне, раскажал тој.