На новинарката од американската телевизија Ем-Ес-Ен-Би-Си (MSNBC) Андреа Мичел и се заканува кривична пријава и судски процес, а повеќе полски официјални лица побараа да биде протерана од Полска, бидејќи при известување за посетата на американскиот потпретседател Мајк Пенс на Варшава рече дека тој ќе положи венец пред Споменикот на хероите на Варшавското гето, кои започнале востание и се борела „против полскиот и нацистичкиот режим”.
Прва реагираше полската амбасада во САД, наведувајќи дека „во новинарството нема место за такви скандалозна грешки”, и побара од познатата новинарка, уредничка во надворешната рубрика на мрежата Ен-Би-Си (NBC), да им се извини и на Полјаците и на Евреите, додека полскиот Институт за национално сеќавање (ИПН) и се закани со суд.
Според новиот Закон на ИПН, до три години затвор му се заканува на секој, кој јавно го обвинува полскиот народ и полската држава и им препишува одговорност и учеството во воените злосторства на германските фашисти во окупираната Полска за време на Втората светска војна, а особено за Холокаустот.
Провладината опозициска партија Кукиз 15 поднесе пријава до канцеларијата на обвинителот во Варшава против новинарката и побара од Мичел да биде протерана од Полска, бидејќи, по скандалот кој избувна поради нејзиното незнаење, таа сè уште не се извинила.
Реагираше и Меморијалот во поранешниот концентрационен логор Аушвиц и ја предупреди новинарката дека нејзината изјава ги навредува и Полјаците и Евреите и потсети на историскиот факт дека гетото во Варшава прво го затвориле, а потоа започнале со негова ликвидација окупаторските германски фашистички власти во 1943 година.
Во врска со скандалот реагираше и полскиот премиер Матеуш Моравецки.
-Во Полска, која беше окупирана од Германија, немаше никаков полски режим. Тоа е големо неразбирање на условите во војна. И Полјаците и Евреите беа брутално убивани од страна на Германците. Полските војници секој ден во Втората светска војна се бореа за слобода и животот на сите народи, напиша Моравецки на Твитер.