Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија.Талат Џафери денеска во Скопје се сретна со раководителот на Службата на Комисијата за односи со странство на Сенатот на САД, Крис Соха, соопшти одделението за односи со јавност на Собранието.
Потенцирајќи ги извонредните билатерални односи, стратешкото партнерство меѓу двете држави и успешната соработка, особено на полето на одбраната, Џафери даде краток осврт на актуелната состојба во државата, со акцент на реформскиот процес.
Претставникот од Сенатот, Соха, како што стои во соопштението, упати честитки за храбрите политички чекори за откочување на процесот на евроатлански интеграции и изрази надеж дека, иако постапката за ратификување на пристапните протоколи за членство со Северноатланската договорна организација во американскиот Сенат е вообичаено долг и сложен процес, во случајот со нашата земја, поради поддршката од голем број сенатори, тој процес би можел да заврши до крајот на годината.
Тој ја повтори и силната поддршка на САД за реформските процеси од нашата ЕУ агенда и понуди размена на искуства за зајакнување на капацитите.
Џафери упати благодарност за континуираната поддршка на САД за нашите аспирации за целосна интеграција во евроатланските институции и залагањето за зајакнување на владеењето на правото, со надеж дека плодната соработка ќе продолжи и во иднина.