На навредите и етикетите кон мене им се придружи и премиерот, реагираше денеска кандидатката за претседател на Македонија од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, преку својот Фејсбук профил.

Реакцијата се однесува на изјавите на премиерот Зоран Заев.

– На навредите и етикетите кон мене им се придружи и премиерот. И морам да кажам дека се согласувам со него дека сум надвор од неговиот концепт за животот. Јас сум надвор од неговиот концепт на живот во кој работа има само за децата на неговите министри и владини функционери.Надвор сум од неговиот концепт за живот во кој тендери има само за неговите соработници, пријатели, роднини и партиски другари.Не сакам да бидам дел од концептот во кој живеењето значи од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да исчезнат 19 милиони и никој да не одговара. Да, јас сум надвор од моралните норми во кои во сообраќајка загинаа 15 луѓе а никој не презема политичка одговорност за трагедијата, напиша Силјановска во реакцијата.

Заев претходно изјави дека „професорката Гордана Силјановска Давкова која е кандидат за претседател од ВМРО ДПМНЕ е надвор од концептот едно општество за сите“.

– Силјановска не е прифатлива за консензуален кандидат. Таа е надвор од секој можен концепт за огромно мнозинство граѓани. Не даде во ниту еден сегмент поддршка на тоа што цел свет го поддржува и огромно мнозинство на граѓани го подрржуваат. Македонија исчекори со квантен скок напред, отидовме во исполнување на нашите децениски аспирации. Таа е надвор од актуелниот концепт на живот, надеж и живеење на огромно мнозинство од граѓаните. Јас имам почит, ја почитувам професорката, но таа е сосема спротивно од концептот што оваа Влада и мнозинството граѓани го развиваат во Македонија, па и од концептот едно општество за сите – изјави Заев.