Зоран Заев повторно најави зголемување на даноците, што е јасно признание за економската катастрофа што и се случува на Македонија, реагираат денеска од опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму додаваат дека ова е уште една одлука на Заев да им стави рака во џеб на граѓаните и да им собере пари за да го покрие расипништвото и неспособноста.
„Зоран Заев е најопасната елементарна непогода што и се случила на Република Македонија. Неговите штети ги плаќаат граѓаните. Една година власт на СДСМ, една година повисоки цени и помали плати. Една година од црното економско трио Заев, Тевдовски, Анѓушев е една година без капитални инвестиции и напредок. Македонската економија стагнира како резултат на неспособноста на владата на СДСМ, а граѓаните загубија една година од ‘животот’ кој им го вети СДСМ. Година во која економијата тоне, а криминалниот картел на власт ги брои милионите на своите сметки“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека растот на БДП за 2017 година е еднаков на нула, а ништо подобар не е ни во првиот квартал од новата година, период за кој тој, како што велат, изнесува катастрофални 0,1 проценти. Во соопштението се додава дека градежништвото кое е моторот на економијата и е во тесна врска со уште 20 други индустриски гранки бележи пад од 37 проценти.
„Владата на Заев нема ниту капацитет ниту пак волја да се справи со реалните проблеми на граѓаните. Одговорност за катастрофалните резултати во економијата мора да има. Најодговорни за економското цунами се Заев, Тевдовски и Анѓушев. Додека тие ги полнат своите џебови и купија се што можеше да се купи во државата, обичниот граѓанин е на работ на егзистенцијата. Оваа непогода во економијата мора час поскоро да си замине. Македонија и граѓаните, заслужуваат подобро“, стои во соопштението.