Ниту има случај на киднапирање, ниту, пак, на лицата што во последните неколку случаи си го одземаа животот им недостигале органи, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Тоа го потврди судска медицина. Во Северна Република Македонија нема ниту еден случај на убиство поради вадење органи, потенцира Спасовски.

Тој на денешната прес-конференција најостро ги демантираше информациите и шпекулациите во кои се злоупотребуваат актуелните случаи на исчезнати лица.

-Категорично ги отфрлам шпекулациите за наводни киднапери и наводна продажба на човечки органи. Тоа се лаги и дезинформации, рече министерот.

Тој посочи дека со вакви лаги и дезинформации се наштетува на општеството и на граѓаните, на кои навистина им треба помош.

Апелираше граѓаните да бидат спокојни и да не наседнуваат на ваквите лаги и како апсолутно неточни ги оцени наводите дека расте бројот на исчезнати лица.

-Напротив, статистичките податоци покажуваат дека во 2018 година имало 370 пријавени исчезнати лица, а на пример во 2014 имало 574, истакна Спасовски.

Министерот нагласи дека секој граѓани може да ја провери и верификува информацијата која се лиферува во јавноста и апелираше до граѓаните тоа да го прават од официјални извори и да не придонесуваат за ширење паники и вознемиреност.

Потенцира дека во континуитет во изминативе пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94 проценти.

-Како родител сочувствувам со секој родител чие дете е исчезнато и ги уверувам нив и сите родители во Република Северна Македонија дека овие истраги се третираат со целосна сериозност и посветеност, нагласи Спасовски.

На оние што, како што рече, шират лажни и со ништо непоткрепени приказни за трговија со човечки органи им порача „не помагате“. Истакна дека дел од овие случаи за жал понекогаш завршуваат како самоубиство што имало во последниот период и додаде дека во тие случаи важно е да се почитува приватноста на семејствата место да се прави спектакл од нивната тага и болка.

Тој изнесе сет препораки што може да помогнат во случаи на исчезнати лица – прво да се контактира МВР, а потоа и сите кои би можеле да го знаат местото на престој на исчезнатото лице, граѓаните да соработуваат со полицијата, да ги дадат информациите за пријателите и роднините на исчезнатото лице, места кои често ги посетува, здравствената состојба или начинот на однесување во блиското минато.

Меѓу сетот се и споделување на карактеристичните размислувања на исчезнатото лице, некриење информации од полицијата, обезбедување фотографија и дозвола полицијата да ја сподели со јавноста, обраќање до најблиската полициска станица, водење грижа за лицата кои имаат здравствени проблеми и болести заради кои ја губат способноста за осознавање, за кои, како што рече, не треба да се остават без придружба и надзор.

Во ширењето на овие лажни информации и шпекулации учествува одредена структура на луѓе, најчесто тоа го прават од политички побуди, но и поради други интереси.

-Многу е лесно да седнете пред компјутер и да напишете што било и со тоа во јавноста да кренете паника, рече Спасовски и нагласи оти имало случај и со поранешен началник на МВР кој објавил статус на социјалните мрежи во врска со исчезнатите лица и наводното вадење на органи, но потоа го повлекол статусот.

Тој им се заблагодари на медиумите кои имаат професионален пристап во овие случаи, но, како што рече, со жалење констатира дека има одредени структури на новинари за кои сензацијата е многу поважна од нашиот заеднички спокој и мир.

-Апелирам секој со својата одговорност правилно да придонесе за информирање на јавноста, рече министерот за внатрешни работи.

МВР има протокол што е предвиден за постапување во случаи на исчезнати лица, како се врши тоа барање и тоа се стандарди што не се почитуваат само во земјава, туку и надвор од неа.

Министерот нагласи дека фактите говорат дека во најголемиот број случаи исчезнатите лица се пријавуват, а потоа самите семејства набрзо ги повлекуваат пријавите.

На прашањето дали тој 24 часовен период, кога полицијата реагира во случај на исчезнување на лице може да се скрати кога станува збор за деца, Спасовски рече дека МВР ги користи сите ресурси и капацитети за да може што е можно побрзо да се реагира во секој случај.