Неприфатливи се изјавите дека Судот ќе биде одговорен за одолговлекување на постапката, дотолку повеќе што Судот не може своеволно и спротивно на законот да определува било какви мерки за обезбедување доколку за истото не се создадени услови, соопшти Кривичниот суд.
Соопштението е во врска со недонесувањето на одлука за одземање на имунитетот на двајцата пратеници во Собранието, за кои, Јавното обвинителство достави предлози за определување мерка притвор, поради пробиен рок за одлучување.
-Доколку Обвинителството поднесе нов предлог поради нови или изменети околности, Судот веднаш ќе се обрати до Собранието и доколку навремено се добие одлука од Собранието, веднаш ќе постапи, истакнуваат од Судот.
Во соопштението е наведено дека од Собранието до Основниот суд Скопје 1 во текот на вчерашниот ден доставило известување дека не донеле одлука за одземање на имунитетот на двајцата пратеници за кои ЈО достави предлози за определување мерка притвор, поради пробиен рок за одлучување.
-Известувањето од страна на надлежниот судија на претходна постапка во текот на денешниот ден ќе биде доставено до Обвинителството. Имајќи го предвид известувањето и одредбите од ЗКП, судот не може да постапува по предлогот за определување на мерката притвор без претходно позитивно произнесување на Собранието во однос на имунитетот, се наведува во соопштението.
Во врска со наводите на претседателот на Собранието дека „Судот ќе биде одговорен за евентуално бегство на осомничените и дека Судот треба да обезбеди присуство на сите осомничени и обвинети во постапката“, од Кривичниот суд појаснуваат дека во нашата држава се применува акузаторен систем на кривично гонење според кој Обвинителството е овластен предлагач на мерките за обезбедување присуство, а Судот одлучува доколку за тоа се создадени услови, што за овој случај услов би бил одземен имунитет.
-Впрочем, како што јавноста беше известена, и во однос на првиот предмет од 01.02.2019 година,така и во вториот предмет од 20.02.2019 година кога се доставени предлози за определување мерки притвор за Љ.Д. и Т.В., кои се повикуваат на пратенички имунитет, Судот веднаш се обрати до Собранието со барање за произнесување околу нивниот имунитет, се наведува во соопштението.
Од Кривичниот суд велат дека сме сведоци за прв пат Собранието, кое е надлежно да одлучува за имунитетот во законски утврден рок, да не донесе одлуки, а со тоа да го оневозможи Судот да одлучува за мерката притвор на пратениците.