Три големи пожари избувнаа денеска напладне на три локции во близина на Струмица.
Според информација од ТППЕ од Струмица, пожарите избувнале во близина на селото Баница, кај затворот во Струмица и во месноста Софилар.
Во гаснењето на пожарите учествуваат повеќе екипи на ТППЕ Струмица, а чадот од пожарите се забележува и од поголема далечина, додека ветрот ги раснесува саѓите низ целиот град.
Пожарот, пак, кај светиниколското село Ќоселери што вчера попладнето се прошири низ околните ридови и борова шума е изгаснат. Командирот на ТППЕ Свети Николе, Кирил Колев вели дека вчерашната огнена стихија уништи 300 хектари, од кои 90 хектари се борова шума, 156 хектари ниско стебелеста шума и останатото е сува трева.
– Девет часа го гасневме овој голем пожар што кај нас беше пријавен во 13 часот, а го локализиравме и изгасивме околу 21 часот. Голема помош имавме од Дирекцијата за зшатита и спасување, ЈП „Македонски шуми“, Доброволното противпожарно друштво во Свети Николе и нашите колеги пожарникари од соседните општини, вели Колев.
Според него, жално е што изгоре голема површина на борова шума, а ер-тракторите како што вели им биле најголемата помош во гаснењето и за да не се прошири пожарот.
Тој истакна дека и денеска рано утринава имале пожар, предизвикан од запалено стрниште што според обемот на зафатеноста е мал.
Во изминатите три недели на територија на општините Свети Николе и Лозово се случиле вкупно 40 пожари на отворено.
Главен фактор за нивното предизвикување се несовесните земјоделци, кои ги палат нивите за подготовка на пролетната сеидба.