-Епидемијата од непотизам што ја зафати СДСМ потекнува директно од нивниот лидер, Зоран Заев. Истиот тој Зоран Заев кој ветуваше професионална администрација, истиот тој Зоран Заев кој обвинуваше за наводна партизација во времето на ВМРО-ДПМНЕ, сега потврдува дека преку СДСМ откако е дојден на власт се вработени над 28.000 партиски членови, изјави денеска Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Замислете, човекот кој обвинуваше за наводна партизација и преобемна администрација, истата таа државна администрација ја партизирал со над 28.000 партиски членови од редовите на СДСМ. Кои нормално биле избрани од нивните општински организации“, додаде Арсовски.

Според него, ова е правото лице на Зоран Заев и на СДСМ. Зоран Заев е човекот кој декларативно се залагаше за се и сешто, ветуваше се и сешто, на крај испадна дека лаже за се и сешто, тврди Арсовски.

„Сега веќе и институциите имаат потврда и од лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека вработувањата кои што можеа да бидат видени преку оваа епидемија на непотизам оделе директно преку партиските штабови и општински организации. Единствено што треба да направат институциите е да ги погледнат детално списоците кои ги поднесовме со 182 партиски членови кои што се роднини на функционерите на СДСМ до државната комисија за спречување корупција и едноставно да постапат со нив, бидејќи имаат и официјална потврда од Заев. Ниту целата епидемија на непотизам, ниту 28.000 партиски вработувања, за кои мораме да истакнеме дека се сериозен сомнеж за изборен поткуп, нема да им помогне на СДСМ да ја дозаробат државата на овие избори. Граѓаните јасно порачуваат дека СДСМ ја нема довербата и ја изгуби веќе, а овие избори се одлична шанса за втор пораз на Стево Пендаровски и СДСМ“ изјави Арсовски.