Полицијата и волонтери по два дена трагање ги пронајдоа изгубените сестрички во шумата во Северна Каролина во САД. Осумгодишната Леја и петгодишната Каролин Карико сега се на сигурно и добро се чувствуваат.
Девојчињата од својот дом во Северна Каролина заскитале и се изгубиле во шумата каде што цели 44 часа поминале на студ и дожд, објави Канцеларијата на шерифот на округот Хјумболд.
Сестричките се пронајдени скриени во грмушките. Преживеале пиејќи вода од листовите на растенија и јадејќи од енергетските плочки кои ги понеле со себе. Со оглед на ситуацијата во која се нашле биле добро расположени, изјави шерифот Вилијам Хонсал, додавајќи дека нивното пронаоѓање е „вистинско чудо“.
Мајката на девојчињата Мајсти Карико ја повикала полицијата кога забележала дека керкичките во петокот попладне исчезнале. Претходно девојчињата ја прашале дали смеат да излезат да прошетаат во близина на нивната куќа во Бинбоу, недалеку од реката Ел, но мајката не им дозволила.
Но, девојчињата сепак го сториле тоа што наумиле. Кога забележала дека ги нема, мајката веднаш тргнала да ги бара, прво со соседите и пријателите, а потоа ја повикала и полицијата. Десетици полицајци, стручњаци и волонтери се вклучиле во потрагата со хеликоптери и кучиња, пишува БиБиСи.
Девојчињата биле пронајдени во неделата наутро на околу 2-3 километри од нивниод дом, само неколку часа пред да започне силно невреме. На спасувачите им рекле дека следеле трага од елен и така се изгубиле, а потоа одлучиле да останат таму. Лекарите кои ги прегледале на лице место рекле дека се само изѕемнати и дехидрирани.
– Убаво е да се примаат вака убави вести, да знаеш дека се на сигурно. Имаме многу вакви потраги кои на крајот завршуваат со солзи и трагедија, изјави шерихот Хонсал.