Едно лице загина и околу 20 се повредени, од кои некои потешко, во сообраќајна несреќа што попладнево се случи во градот Гњилане, во источно Косово, јави МИА од Приштина.

Според локалните медиуми, несреќата ја предизвикал камион кој со голема брзина се движел во фреквентна зона во центарот на градот, при што, без да ја намали брзината, удрил во повеќе објекти и возила, предизвикувајќи и голема материјална штети.

– Можам да потврдам дека има еден загинат како последица на сообраќајната несреќа. Освен тоа, имаме извештаи за околу 20 лица кои претрпеле телесни повреди, изјави портпаролот на регионалната полиција, Исмет Хашани.

Градоначалникот на Гњилане, Љутви Хазири, кој пристигна на местото на настанот, изјави за медиумите дека на камионот со приштински регистарски таблички, според првичните информации, најверојатно му откажале сопирачките.

Хазири, како што соопштија општинските служби, ги активирал сите механизми за итни случаи и, во соработка со полицијата, обвинителството и другите надлежни органи презема мерки за справување со тешкиот настан. Исто така, одложени се сите активности во општината по повод Денот на учителот, кој Албанците го одбележуваат денеска.

Возачот на камионот што ја предизвика тешката сообраќајна несреќа попладнево е уапсен заедно со уште едно лице кое било сопатник во возилото, соопшти портпарол на косовската полиција за гњиланскиот регион.

Портпаролот Исмет Хашани изјави дека полициските и другите единици надлежни за вакви случаи излегле на местото на настанот веднаш по несреќата и ги презеле соодветните дејствија за вакви случаи.

– Сомнежите се дека возачот на транспортното возило, поради технички причини, навлегол со возилото во правец на центарот на градот, при што верижно удрил во еден пешак, 10 возила и еден трактор. Полицијата во врска со случајот уапси две лица, изјави Хашани.

Косовските медиуми објавија аматерски видео-снимки од несреќата, на кои се гледа како камион, сопственост на косовска фабрика за минерална вода, со голема брзина се движи низ фреквентна зона во центарот на градот, при што, без да ја намали брзината, се судира со повеќе објекти и возила, предизвикувајќи една жртва и повеќе повредени, како и големи материјални штети