СДСМ соочена со падот на рејтингот и својата неспособност очајнички со манипулации се обидуваат да се оправдаат за епидемијата на непотизам на врвот од власта која што владее во Македонија, реагира ВМРО-ДПМНЕ на фалбите од власта дека ја намалиле невработеноста.
– Тие наместо да мачкаат очи на јавноста треба да одговорат како е возможно во само неколку месеци да имаме стотици случаи на непотизам од сите нивоа на власта. За само неколку месеци тие ги вработија мајките, синовите, ќерките, браќата, сестрите, сопрузите, сопругите, зетовците, снаите золвите и свекрвите на видните партиски функционери во државната администрација за примања повисоки од просечните. Оправдувањата патем им се дека речиси секогаш роднините или биле или единствени кои конкурирале или најдобрите кандидати, се вели во реакцијата.
СДСМ, се додава натаму, и должат на јавноста објаснување, но и одговорност како тоа на толку невработени, особено млади и дипломирани кадри, место во администрацијата има за нивните роднини, а не за останатите граѓани.
– Во ситуација кога има над 500 илјади граѓани кои живеат во сиромаштија, кога се покачуваат акцизите и даноците, кога расте јавниот долг, буџетот се оптоварува со нови вработувања на роднини кои ќе ги плаќаат граѓаните од свој џеб. Оваа епидемија од непотизам може да прекине само со пораз на Претседателските избори на опцијата предводена од деспотот Заев и криминалниот картел. Тогаш ќе почне демонтирањето на оваа аздисана и ненародна власт, се вели во соопштението.