ВМРО- ДПМНЕ го обвини СДСМ дека со него на власт македонската економија е пред целосен колапс, сите економски параметри бележат падови, а граѓаните се повеќе осиромашуваат.

-Додека повеќе од 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата и не можат да се прехранат, СДСМ и нивните функционери единствено се грижат за своите бизниси и да згрижат што е можно повеќе роднини во државните институции. Во недостиг на економски резултати, криминалниот картел вработувањето на своите мајки, татковци, баби, дедовци, золви, снаи, зетовци и лични фризерки почнаа да го прикажуваат како голем економски успех, велат од партијата.

Според најголемата опозициска партија, расипничката власт на СДСМ и аболицираниот Заев ја направи Македонија најсиромашна држава во регионот и Европа.

-Земјите од регионот и Европа доживуваат економска ренесанса, а Македонија благодарение на неспособната влада на СДСМ е закована на дното со срамни 2,05% раст, кој е многу далеку 5 до 7% со кои што Заев ги лажеше граѓаните. За неспособноста на оваа власт говори и фактот што и оваа година власта како и минатата нема да успее да реализира ни половина од планирате капитални инвестиции. Нивото на реализација на капитални инвестиции за месец јануари изнесува мизерен 1%, извозот има пад од 1,9%, а пад има и ИТ индустријата и тоа од големи 12,6 проценти, велат од ВМРО- ДПМНЕ.

Оттаму потенцираат дека во услови кога државата економски тоне, власта не запира со задолжувањата.

-Криминалната власт на СДСМ успеа за прв пат да ја надмине психолошката граница на јавниот долг од 50% и тој веќе надмина 5 милијарди евра за прв пат во историјата на Република Македонија, потенцираат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, сето ова е показател за штетните и катастрофални политики на СДСМ и Зоран Заев кои се вистинска елементарна непогода за државата и граѓаните.

-Граѓаните повеќе не смеат да живеат во оваа беда која ја донесе СДСМ. Токму затоа потребно е Заев и СДСМ заедно со нивниот криминален картел да си заминат за конечно македонската економија да почне да напредува, заклучува ВМРО- ДПМНЕ.