Министерот за енергетика на САД, Рик Пери синоќа изјави дека американската Влада разгледува воведување санкции против изградбата на гасоводот „Северен поток 2“, јави МИА од Вашингтон.

– САД јасно се изјаснија. Ние сметаме дека тој проект нема економска основа, изјави Пери.

Според него, Вашингтон пратил јасна порака до Европа да го диверсификува бројот на извори на енергенси, снабдувачи и маршрути.

– „Северен поток 2“ не е економски туку најмногу политички гасовод, и ние тоа не го поддржуваме, истакна министерот.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп настојува Германија, чии компании се дел од конзорциумот за изградба на гасоводот, да се откаже од проектот, потенцирајќи ја загриженоста за преголемата зависност на Европа од руски енергенси.

Претходно, „Волстрит журнал“ објави дека санкциите против овој заеднички проект на рускиот државен енергетски монопол „Газпром“ и повеќе европски компании, може да бидат воведени преку законот за Спротивставување на противниците на Америка преку санкции (КААТСА) и би опфатиле инвеститори на проектот и компании изведувачи кои работат на поставување на цевководот по дното на Баличкото Море.