Зависноста од рускиот гас носи големи ризици за Европа, посочува амбасадорот на САД во ЕУ, Гордон Сондланд во авторска колумна објавена денеска во лондонскиот весник „Фајненшл Тајмс“.
– Европејците размислуваат дали да инвестираат милијарди во инфраструктрура за гас поддржана од Русија. Тие подобро да не го прават тоа. А и не треба, бидејќи веќе постојат алтернативни снабдувачи по достапни цени и се приклучуваат и нови снабдувачи – од источно Средоземно Море, од Каспиското Море, од САД, пишува Сондланд.
Тој посочува дека кога Москва пред пет години „незаконски го окупираше Крим“, Европската комисија повика на диверсификација на набавките на гас, но оттогаш Русија го зголеми својот удел на европскиот пазар од 30 отсто во 2014 година до 37 отсто во 2018 година.
Сондланд во текстот укажува дека ако Европа дозволи гасот да протече по новата рута, забиколувајќи ја Украина, таа ќе добие „тројански коњ“ и повторно ќе се стане ранлива од можно запирање на гасот во зимски период.
– Путин ги користи енергенсите како политичко оружје. Европа не треба да се надева на голо торзо верзија на злосторникот Волан де Морт од филмот „Хари Потер“ како снадбувач, дури и ако неговиот гас е малку поефтин. Има и подобри варијанти, посочува Сондланд.
Колумната на Сондланд се надоврзува на најавата на американскиот министер за енергетика Рик Пери дека американскиот Стејт департмент предвидува санкции за европските компании вклучени во изградбата на гасоводот „Северен поток 2“, преку кој руски гас треба да се доставува од Русија преку Балтичкото Море до Германија.
Во исто време, денеска Европскиот парламент усвои Резолуција насловена „За состојбата на политичките односи помеѓу ЕУ и Русија“, со која се повикува Русија повеќе да не се смета за стратешки партнер на Унијата и да се запре изградбата на „Северен поток 2“.
Во делот за областите од заеднички интерес на Резолуцијата се вели дека ЕУ е најголемиот и клучен трговски партнер на Русија, но дека „Северен поток 2“ ќе ја зголеми зависноста на Унијата од руски гас, дека тој го загрозува внатрешниот пазар на ЕУ и дека не е во согласност со енергетската политика и стратешките интерси на Унијата, поради што неговата изградба треба да биде запрена.