Осудувам какво било насилство што се случува каде било и од каде било и секој мора да одговара за она што го има направено, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, запрашан за настанот што во саботата се случи во скопско Марино, кога беше избодено момче со нож.
– Лицата за тој настан се приведени. По насока на јавниот обвинител се пуштени, меѓутоа не се пуштени заради никаква друга причина, туку за утврдување на одредени факти што ќе треба да ги утврди обвинителот и до крај да се заврши со поднесување на кривична пријава, изјави Спасовски.
Ваков одговор даде на новинарски прашања пред почетокот на трибината во Куманово во врска со настанот што се случи во саботата вечерта во дискотека во село Марино, општина Илинден, кога со нож беше прободено момче.
-Нема кој да влијае на истрагата. Значи може да биде вработен во МВР, може да биде вработен во било која друга институција, меѓутоа тоа не го ослободува за злоделата што ги имаат направено. Секој ќе одговара за она што го има направено и секој ќе одговара заради тоа што правдата е најважна за сите, рече Спасовски.
Како што објавија повеќе медиуми, син на виш полициски советник на Спасовски во угостителски објект во скопско Марино избоде полициски службеник, кој бил однесен на скопските клиники во животно загрозувачка состојба.
– Луѓе блиски до власта осилени од моменталната моќ која ја имаат дивеат насекаде низ државата. Ова е вистински одраз на хаосот што владее во Македонија. Веќе никој не е безбеден од овие бандити на власт, изјави вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски во врска со овој настан.