Долните домови на парламентите на Германија и Франција потпишаа денеска во Париз документ за создавање француско-германски парламентарно собрание кое ќе донесе “нова димензија во соработката” меѓу двете земји, објавија светските медиуми.
Токму 62-та годишнина од потпишувањето на Римскиот договор, со кој беа положени темелите на Европската Унија преку основање на Европската економска заедница (ЕЕЗ), претседателите на француското Национално собрание, Ришар Феран, и на Бундестагот, Волфганг Шојбле, потпишаа парламентарното договор, веќе одобрен од двата дома.
Уште на почетокот на годината стана јасно дека Германија и Франција ќе потпишат ваков вид договор, со кој ќе се стави темел на нова Европска Унија. Новата институција во која ќе има 100 пратеници (по 50 на секоја страна), ќе заседава најмалку двапати годишно, по еднаш во секоја од двете страни.
Мисијата на парламентот ќе биде да го надгледува спроведувањето на општите решенија од извршните власти, да ги следи меѓународните прашања од заеднички интерес и да работи на подобрување на животот на населението од двете страни на границата.
“Со овој парламентарен сојуз додаваме нова димензија на ексклузивната француско-германска соработка”, истакнал Феран.
Неговиот колега Шојбле додал:
“Во суштина можеме да се расправаме, бидејќи ние треба да зборуваме искрено”, но дебатата ќе помогне “да го зајакнеме нашето пријателство”.
Ова доаѓа по потписот од 22 јануари меѓу Макрон и Меркел за зајакнување на „двостраните врски“ меѓу двете земји.