Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска вчера беше пригодно облечена во боите на грчкото знаме, за спомен и долго сеќавање на денот кога стави потпис грчки авиони да го чуваат македонското небо.
– Со министерот Евангелос Апостолакис ги поздравивме припадниците на Воените оркестри на Армиите на РС Македонија и на Грција, кои се подготвуваа за заедничкиот концерт. Оваа соработка е уште еден јасен сигнал дека ако работиме заедно, може да постигнеме се, порача Шеќеринска преку Фејсбук во најавата за концертот.
Инаку, како што е познато, од многу селфи-активности, вчера изостана интонирањето на македонската химна, пред Владата на Република Македонија, што е практика за вакви настани, каков што беше и со пренагласеното срдечно добредојде на грчката делегација, предводена од премиерот Алексис Ципрас.
Но, кога креативно ќе се усогласат боите на кошулата и на здолништето со боите на знамето од пријателите кои ќе ни го чуваат небото, „станува излишна“ химната на земјата. Во случајов на Република Македонија.
Битно е да се има фотографии за спомен и долго сеќавање, како на времето, пример, сувенир „за дуго сеќање из Врњачке Бање“.