Полскиот католички свештеник Рафал Јарошевич од Фондацијата „СМС од небото“ се извини на сите кои се навредиле со демонстративното палење книги за Хари Потер, што беше организирано од католичката парохија во Гдањск, пред два дена.

– Палењето книги и други предмети беше несреќно. Но, не е организирано како понижување на која било општествена група или вера. Ако кој било мојот чин го сфатил така, сакам да ги замолам за извинување, порача свештеникот Јарошевич.

Книги, најчесто од жанрот фантазија, како за малиот волшебник Хари Потер и предмети кои наликуваат на чадорот од бајката Хелоу Кити, слонови, африканска маска и други предмети кои верниците ги донесоа пред една црква во Гдањск, беа палени на повик на  Јарошевич,  со објаснување дека носат зли сили.

Католичката фондација, која користи неконвенционални методи во верската работа, објави фотографии на Фејсбук и наведе дека палењето на книгите треба да ги предупреди припадниците на парохијата на лошите влијанија „кои доаѓаат од магиите“.

Во коментари на Фејсбук веднаш беше осудено палењето на книгите и притоа се пишуваше дека тоа последен пат се случувало во нацистичка Германија пред Втората светска војна.

Фондацијата „СМС од небото“ првично се обиде да се оправда повикувајќи се на Библијата, како и со тоа дека книгите и предметите цела недела ги носеле верниците.

– Одговор на лошите книги не може да биде ниту цензурата, ниту палењето, туку пишување добри книги, реагираше вицепремиерот и министер за наука и високо образование, Јарослав Говин.

Полската католичка црква соопшти дека нема намера на кој било начин да го казни свештеникот, иако наведува дека „начинот на кој тој одлучил да се бори против магијата и окултизмот е несреќен“.

Еколошки активисти од организацијата „Смог аларм“ од Рибњик нашле и конкретен параграф според кој свештеникот веднаш би можело да се казни зашто фрла книги и верски симболи на клада. Тие поднеле против него пријава во обвинителството поради незаконско палење отпад што може да ја загади животната средина.

Рафал Јарошевич, кој е на чело на Фондацијата „СМС од небото“ од Кошалин е познат меѓу Полјаците по првата мобилна исповедилница во возило, со кое крстари ширум Полска, како и по иницијативата огромниот крст од врвот Гевонт да се пренесе на фудбалскиот народен стадион во Варшава. паг/ми/