Државата им ги исплати на лозарите парите кои со години им ги должеа „Повардарие” и „Стефани винарија” за предадено грозје.
Се работи за 77 милиони денари на 2.048 лозарски семејства за грозје од 2015 и 2016 година.
Претходно, Владата одлучи да ги обесштети лозарите од буџетот, а потоа да ги наплати парите од винарниците кои имаа стари долгови кон нив. Ова денеска го соопшти министерот за земјоделство Љупчо Николовски во Кавадарци.
Министерот се заблагодари за соработката до градоначалниците и пратениците од регионот, Државниот инспекторат за земјоделство и Платежната агенција.
-Ова е пример како во еден партнерски однос, заеднички, сите засегнати страни имаат волја и енергија, време, да се посветат на овие проблеми и проблемите на сите граѓани кои се наследени, да се решаваат. Тоа е функцијата на Владата и сите нас. Така и ќе продолжиме, изјави Николовски.
Потсети и на, како што рече, напластените проблеми на лозарите од минатото и нагласи дека такви неправди повеќе нема да има. Сега исплатата на грозјето е редовна.
Николовски рече дека надлежните се целосно фокусирани на решавање на сите проблеми во лозарството. Според него, извозот на вино и девизниот прилив се зголемени. Најави и нови мерки, меѓу кои промоција на винариите, здруженијата, маркетингот.
Сите спорни случаи што не се опфатени со оваа исплата, ќе ги регулираат винарските визби. – Агенцијата, од кога сме ние на власт, овие две години, настојува навреме да стигнуваат субвенциите до корисниците и тоа неселективно, туку во еден ден за секоја мерка. Според програмата, прво се исплаќаат основните мерки, во меѓувреме додека тече таа исплата, оди обработката на дополнителните, интервентните мерки. Затоа и почитувајќи го изборниот процес, ние исплаќаме се што е основно, рече директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.
Според кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, се исправи една неправда. – Се надеваме дека во иднина нема да се случуваат вакви натрупани долгови како што тоа се случувало во минатото, нагласи Јанчев.
Исплатата на старите долгови ја поздравија и од здружението „Напредни лозари”. Во изјава за МИА изразија благодарност до сите што помогнаа да бидат исплатени долговите од страна на државата.